Гранични премини

Значајно помал метеж на ГП „Табановце“

21.08.2026 16:40

На граничниот премин Табановце сè уште метеж. Но значајно помал, откако Министерството за внатрешни работи пушти во функција дури осум пунктови за наплата на сообраќајни прекршоци за странци. Паралелно се стави во функција и мобилна апликација, но во првичната фаза е наменета само за странски државјани.

Намален метежот на граничниот премин Табановце. Системот за автоматско препознавање на регистарските таблички, е целосно интегриран. На осум пунктови странските државјани ги плаќаат казните за сторените сообраќајни прекршоци. Паралелно Министерството за внатрешни работи ја стави во функција и апликацијата „Безбеден град“, која во оваа фаза е наменета само за странци. Патниците со поделени мислења. Едни негодуваат, имаат забелешки на апликацијата и чекањето. Други поздравуваат, сообраќајните правила и прописи мора да се почитуваат.

На мобилната апликација може да добијат информација за сообраќаен прекршок, платниот налог како и надмирување на глобата по електронски пат, информира МВР.

Откако возилото ќе пристигне на Табановце, на екранот на граничната полиција се појавува црвено известување. Возачот се исклучува од сообраќајот и му се врачува записник со платен налог, доколку сторил прекршок.

Паметните камери се поставени на сите клучни делници од Коридорот 10 — од Гевгелија до Куманово и Табановце.

Целта на системот Безбеден град не е казнување, туку унапредување на безбедноста во сообраќајот и намалување на бројот на жртви.

Елена Георгиевска