Протест на транспортерите
Македонските превозници најавуваат двочасовен протест на 31-ви август пред Делегацијата на Европската унија во Скопје, поради ограничувањето на престојот на професионалните возачи во Шенген-зоната.

Повеќе од 20 камиони и голем број вработени од транспортниот сектор од целата држава најавија протест пред седиштето на Делегацијата на Европската Унија во Скопје. Причина-нерешениот проблем со ограничувањето на престојот на професионалните возачи во Шенген-зоната.
Од асоцијацијата „Макам-транс“ велат дека протестот не е изолиран чекор, туку дел од координирана регионална акција што истиот ден ќе се одржи и во Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора.
Министерот за транспорт и врски вели дека имаат целосно разбирање за транспортерите и дека работат на изнаоѓање решенија. Додава дека се работи за правила кои ги уредува шенген зоната.
Вели дека се потпишуваат договори со земјите членки во Шенген зоната, за да се реши проблемот.
Притисокот на балканските транспортни асоцијации и најавениот протест за 31 август, доаѓа само еден ден пред клучниот состанок на работната група во Брисел, на кој треба да се разгледува токму режимот на престој на професионалните возачи.
Главниот проблем за транспортните компании произлегува од стриктната примена на правилото за максимален престој од 90 дена во период од 180 дена во Шенген-зоната. Бидејќи камионџиите поминуваат недели чекајќи на границите и возејќи транзитни рути, тие многу брзо го исцрпуваат дозволениот број денови, по што ризикуваат казни, депортации и забрани за влез.
Александра Спировска
