Николоски од Струга: Изградбата на автопатот Охрид Кичево во завршна фаза
Автопатот Охрид-Кичево влегува во завршна фаза на најтешката делница од Извор до Врбјани. Две галерии се целосно завршени, а останатите се во напредна фаза, најави денеска вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски од Струга, каде денеска беше извршен и увид во капиталните инфраструктурни проекти, за кои општината во изминатите две години добила 5,6 милиони евра поддршка.

Изградбата на автопатот Охрид - Кичево се одвива согласно предвидената динамика. Со полна пареа се работи на уредување на галериите од село Извор до Врбјани. Паралелно се работи и на делницата Гостивар - Букојчани, каде што рокот за завршување е крајот на 2029 година.
Останува да се санираат свлечиштата кај село Ботун, а со тоа, во првиот квартал од идната година, автопатот Охрид - Кичево целосно да биде ставен во функција.
„Веќе две галерии се целосно завршени, третата е некаде со 70% динамика, четвртата е со некаде 50% динамика. Во тунелите се работат, народски кажано, фините работи, односно се поставува софтвер, сигнализација за водење на сообраќајот, сигнализација за рано предупредување од пожари, вентилациски системи, како и супермодерен контролен центар, кој го поставивме со цел зголемување на безбедноста. Очекувам во текот на октомври оваа најтешка делница од автопатот Охрид – Кичево да биде ставена во функција“, изјави Александар Николоски, вицепремиер и министер за транспорт.
Вицепремиерот Николоски денеска изврши увид во капиталните проекти во Општина Струга. Во изминатите две години, општината добила вкупно 5,6 милиони евра за четири инфраструктурни проекти.
„Се работи турбо. Мислиме дека ќе побарам и од вицепремиерот уште дополнителни проекти да се реализираат. Нормално дека овде не е направено со години наназад. Ние за овој пат за околу три месеци стигнавме до оваа фаза и продолжуваме на другиот дел, за да излеземе на главниот пат и таму да имаме и кружен тек, со цел да се растовари сообраќајот, особено во текот на летото. Знаете дека е пренатрупан“, изјави Менди Ќура, градоначалник на Општина Струга.
По препораките на УНЕСКО, ќе се изнајде нова траса за Коридорот 8, со која ќе се обезбеди поврзување на граничниот премин „Ќафасан“ со автопатската мрежа, но и заштита на природното и културното наследство и биодиверзитетот на регионот.
Соња Рилковска
