Расте бројот на жртви

29.08.2026 11:22

Трка со време во Непал. По катастрофалните поплави долж границата со Тибет, над две илјади луѓе и натаму се водат за исчезнати, меѓу нив и странски државјани од над 30 земји

Борбата со времето во Непал станува сè посурова. По катастрофалните поплави долж границата со Тибет, црниот биланс расте, а над две илјади луѓе и натаму се водат за исчезнати. Критичниот 72-часовен рок истекува. Спасувачите неуморно трагаат по преживеани, но новите врнежи дополнително ја отежнуваат потрагата. За семејствата, секој час е нова битка меѓу надежта и стравот.

„Не можам да го добијам мојот роднина. Мислам дека е заглавен во шумите. Но, верувам дека ќе се врати“, вели Судип Карки, роднина на исчезнат човек.

Оние кои ја преживеаја стихијата велат дека водата дошла ненадејно и со брзина на куршум..

„Стоев на бензинска пумпа, далеку од реката. Никогаш не помислив дека ќе надојде толку многу вода, но стигна како бура, со брзина на куршум. Заглавив во калта, но се држев за нешто и успеав да се извлечам, вели Наврај Адхикари, преживеан од поплава.

„Вакви сцени сум видел само во холивудски филмови и во видеа од цунами во Јапонија. Ова ми се чини, беше поопасно“, рече Аџај Гуџрел, сопственик на оштетена куќа.

Катастрофата уништи и отсече цели села во Непал. Потребата од помош за жителите е очајна- велат здравствените власти.

„Се чини дека целото село е однесено од вода, цели семејства , здравствени установи- се’. Луѓето имаат очајна потреба од поддршка. Се обидуваме да ги процениме потребите и да одговориме на владата на Непал со најдобро што може во овој момент, изјави Д-р Балвиндер Синг Чавла, официјален претставник на СЗО во Непал.

Обединетите нации проценуваат дека најмалку 93.000 луѓе се погодени, додека второто новоформирано езеро и најавените врнежи викендов го зголемуваат ризикот од нови поплави и ширење заразни болести.

„Веруваме дека најмалку 93.000 луѓе се погодени и имаат голема потреба од помош. Секако, многу сме загрижени за секундарната поплава“, изјави Дејвид Фишер шеф на делегацијата на Црвениот крст во Непал.

Кога имаме катастрофа од ваков обем и имаме раселување, може да имаме и прекин на водоснабдувањето, санитарните и здравствените услуги, а тоа може да го зголеми и ризикот од заразни болести“, предупреди Тарик Јашаревиќ, портпарол, СЗО.

Експертите предупредуваат дека климатските промени сè повеќе го зголемуваат ризикот од вакви настани.

„Климатските промени и абнормалните температури во високите планини сигурно играат улога во предизвикувањето на вакви феномени. Формирањето на леднички езера, но и топењето на мразот под површинскиот слој, можат да придонесат за вакви настани“, посочи Никола Касаљи • експерт за свлечишта и професор на Универзитетот во Фиренца.

Додека опасноста и натаму надвиснува над регионот, најтешката битка допрва следува – да се обноват животите на илјадниците кои останаа без домови и најблиски. Цената на катастрофата според првичните проценки на непалските власти е огромна и би можела да чини до 5 милијарди долари, или речиси 10 проценти од економијата на земјата.

 

Бојана Крстевски