РСБСП со апел: Внимателно во сообраќајот, почнува учебната година
РСБСП со апел пред почетокот на учебната година- внимателно во сообраќајот, безбедноста на децата е заедничка одговорност

Со почетокот на новата учебна година се зголемува раздвиженоста во сообраќајот, особено во близина на училиштата. Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата апелира до возачите, родителите и учениците да бидат внимателни и одговорни, со цел секое дете безбедно да стигне до училиштето и да се врати дома.
РСБСП ги повикува возачите да ја намалат брзината во училишните зони, да ги почитуваат сообраќајните знаци и пешачките премини и да не користат мобилен телефон додека управуваат со возило. Апелираат и да не се паркира на тротоари и пешачки премини, со што се попречува движењето на учениците.
Од Советот потсетуваат дека важна улога имаат и родителите, кои треба да разговараат со децата за безбедно однесување во сообраќајот и заедно да ја утврдат најбезбедната патека до училиштето. Учениците треба да се движат по тротоар, улицата да ја преминуваат на означени пешачки премини и внимателно да проверуваат дали возилата застанале.
Особено внимание се препорачува при користење велосипед, при што се советува задолжително носење заштитна кацига и почитување на сообраќајните правила.
РСБСП нагласува дека сообраќајната безбедност не е само обврска на институциите, туку заедничка одговорност на целото општество.
„Возачи, намалете ја брзината. Родители, разговарајте со децата. Ученици, почитувајте ги правилата“, порача Советот, посакувајќи им на учениците среќна, успешна и безбедна учебна година.
