Високо образование

Почна уписот на бруцоши на УКИМ – кандидатите да внимаваат на документацијата и роковите

03.09.2026 12:19

За упис, кандидатите треба да достават индекс, студентска легитимација, пријавни листови, три фотографии и потврда за уплатени 750 денари за ИКСА на УКИМ. Дополнителните уплати се вршат со посебни уплатници, според инструкциите на секој факултет.

Денеска и утре трае главниот термин за физички упис на примените кандидати во првиот уписен рок на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Од УКИМ потсетуваат дека условите, потребната документација и дополнителните уплати се разликуваат од факултет до факултет.

За упис, кандидатите треба да достават индекс, студентска легитимација, пријавни листови, три фотографии и потврда за уплатени 750 денари за ИКСА на УКИМ. Дополнителните уплати се вршат со посебни уплатници, според инструкциите на секој факултет.

Дел од факултетите имаат утврден распоред по студиски програми. На ФИНКИ, на 3 септември од 9 часот се запишуваат примените на Софтверско инженерство и информациски системи, а од 11 часот на Интернет, мрежи и безбедност. На 4 септември од 9 часот е уписот за Примена на информациски технологии, а за останатите студиски програми од 11 часот. Од факултетот предупредуваат дека непочитувањето на терминот може да значи губење на местото.

На Економскиот факултет, денеска се запишуваат кандидатите за Меѓународна трговија и Финансии, додека утре уписот е за Сметководство и ревизија и Маркетинг.

Новина во процесот е што образецот ВОИ.20 повеќе не се пополнува на хартија, туку електронски преку Националниот портал за е-услуги. За негово пополнување е потребен активен кориснички профил, а профилите на основно ниво треба претходно да се надградат во „Една точка за услуги“ или во УЈП.

Кандидатите треба да внимаваат и на специфичните барања за пополнување на образецот. Економскиот, Правниот и Стоматолошкиот факултет бараат во полето „број на индекс“ да се внесе „бруцош“, додека Филолошкиот факултет бара да се внесе „0000“.

Од повеќе факултети предупредуваат дека без образецот ВОИ.20 уписот нема да може да се заврши, па кандидатите треба навреме да ги обезбедат потребните потврди.

Дополнителните трошоци за индексот, легитимацијата и пријавните листови не се вклучени во првата рата од партиципацијата. Сите плаќања наведени во евра се вршат во денарска противвредност според средниот курс на Народната банка.