Сузбиена криминална група: Проневериле над 2,2 милиони евра, три лица лишени од слобода
Кривични пријави против шест физички и три правни лица поднесе полицијата по акција за сузбивање криминална група осомничена за проневера, перење пари и несовесно работење во службата. Според МВР, групата противправно стекнала повеќе од 138 милиони денари, односно околу 2,26 милиони евра. Во акцијата се лишени од слобода три лица, а при претреси се одземени пари, телефони и две возила.

Криминална група осомничена за проневера во службата, перење пари и несовесно работење во службата е сузбиена во полициска акција спроведена во Скопје. Акцијата на 2 и 3 септември ја реализирал Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал во координација со ОСПО-ЕБР, под раководство на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.
Лишени од слобода се три лица – С.С., Ш.С. и З.Ѓ. При претресите на повеќе локации биле пронајдени и одземени околу 27.735 евра, 38.500 денари, 750 швајцарски франци и 100 американски долари, повеќе мобилни телефони и две патнички возила.
Полицијата денеска до ОЈО ГОКК поднела кривична пријава против шест физички и три правни лица.
Според пријавата, С.С., како управител на правно лице од Кучевиште овластено за технички преглед на возила, во периодот од јануари 2021 до јануари 2026 година изготвувал и доставувал лажни извештаи за наплатени надоместоци при регистрација на возила. На тој начин, според МВР, биле присвоени 138.877.419 денари или околу 2,26 милиони евра.
Во наводната шема учествувале и други лица, меѓу кои вработен во станицата за технички преглед, двајца извршни членови на одбор на директори во осигурително брокерско друштво и овластен сметководител. Парите, според истрагата, биле префрлани меѓу сметки на повеќе правни лица и мешани со приходите од редовното работење, а дел од средствата биле користени за купување недвижности.
Во случајот е опфатена и Т.М., помошник директор за финансии во Јавното претпријатие за државни патишта, која, според полицијата, не извршила должен надзор при проверката на доставуваните извештаи и наплатата на надоместоците. Со тоа, на осомничените, како што се наведува, им овозможила противправна корист од 48.434.406 денари по основ на патна такса.
Полицијата наведува дека со целокупните дејствија бил направен финансискиот пропуст на различни институции – 48,4 милиони денари на ЈП за државни патишта, 1,48 милиони денари на Црвениот крст, 5,58 милиони денари на Министерството за животна средина и 83,37 милиони денари на Буџетот и општините.
За осомничените следува постапување од страна на надлежното обвинителство и судот.
