Наскоро почнува изградбата на новиот булевар „Македонско-косовска бригада“ во Скопје
Град Скопје ги привршува подготовките за реализација на значаен инфраструктурен проект со кој треба да се подобрат сообраќајната поврзаност, безбедноста и мобилноста во овој дел од градот.

Градот Скопје ги привршува подготвителните активности пред почетокот на изградбата на новиот булевар „Македонско-косовска бригада“. Денеска градоначалникот на Скопје, заедно со градоначалникот на Општина Чаир, Изет Меџити, извршија увид во завршните активности пред почетокот на градежните работи.
Во првата фаза, булеварот ќе се гради на потегот од крстосницата со улицата „Џон Кенеди“ до булеварот „Босна и Херцеговина“.
Проектот предвидува современ сообраќаен коридор со четири сообраќајни ленти, по две во секоја насока, средишен зелен појас, велосипедски патеки во двата правци и нови тротоари. Предвидени се и нова атмосферска канализација, современо улично осветлување, заштитно зеленило од двете страни на булеварот, како и проширувања кај автобуските стојалишта.
Од Град Скопје посочуваат дека со реализацијата на проектот ќе се овозможи побезбедно и поефикасно одвивање на сообраќајот, како и подобра мобилност за возачите, пешаците, велосипедистите и корисниците на јавниот превоз.
„Изградбата на новиот булевар ‘Македонско-косовска бригада’ е уште еден чекор кон создавање модерна, безбедна и функционална инфраструктура за скопјани. Нашата цел е Скопје да се развива плански, рамномерно и со јасна стратегија, со инвестиции што носат конкретни придобивки за граѓаните“, истакна градоначалникот на Град Скопје.
Со изградбата, постојниот простор треба да биде трансформиран во современ и организиран урбан коридор, со подобрена сообраќајна инфраструктура, услови за одржлива мобилност и поголема безбедност.
Град Скопје најавува продолжување на реализацијата на капитални инфраструктурни проекти во сите општини.
