Притвор за примање мито
Побарал 1.500 евра да посредува при вработување, па го фатиле со обележани пари. Возач во Генералниот секретаријат заврши во притвор за мито...

Му побарал 1.500 евра за да посредува кај службеници во Град Скопје да го вработат на огласот за прием на пожарникари, ветувајќи дека познава лица што можат да ја завршат работата. Граѓанинот го пријавил и откако на рака на возачот му дал 500 евра, полицијата го фатила со бележаните банкноти.
49-годишниот возач, кој бил задолжен за Генералниот секретаријат на Владата бил вработен во СОЗР. Заврши во 30-дневен притвор. Тој го барал митото во периодот од 24-ти јули до 4-ти септември, а откако граѓанинот пријавил, МВР и Обвинителството ја спровеле координираната акција за негово апсење.
И директорот на СОЗР, Ивица Томовски и Владата сметаат дека со овој случај се покажува дека законите важат за сите, се докажува волјата и целта на Владата да се бори со корупцијата, велат од „Илинденска“ број 2.
СДСМ со пофалби за акцијата на МВР, но и сомнежи за улогата на генералниот секретар на Владата, Игор Јанушев.
Владејачката партија, пак, возврати – ова да се случеше во време на сдсм никој немаше да биде санкциониран, а парите ќе завршиле кај некој од партијата. 49-годишниот возач се товари за примање награда за противзаконито влијание. Надлежните упатија и апел, граѓаните да се охрабрат и да ја пријавуваат корупцијата, со која би овозможила навремена реакција кај надлежните органи.
Викторија Милевска
