За првпат снимена трансформацијата на замрзнато небесно тело во комета
За првпат е забележан моментот кога замрзнато небесно тело, кое неактивно се движело во длабочините на Сончевиот Систем, почнало да се претвора во комета. Ова ретко откритие фрла нова светлина врз досега непозната фаза од еволуцијата на примитивните небесни тела зачувани уште од создавањето на Сончевиот Систем.

Астрономите утврдиле дека замрзнато небесно тело од типот „кентаур“, кое орбитира околу Сонцето во просторот меѓу Јупитер и Нептун, почнало да се претвора во комета.
Објектот наречен „450P/LONEOS“, откриен во 2004 година, бил следен чекор по чекор додека, приближувајќи се кон Сонцето, преминувал во активна комета. Научниците долго време претпоставуваа дека ваквите неактивни ледени тела со текот на времето се претвораат во комети од семејството на Јупитер, но досега овој процес не бил директно забележан.
Анализите на орбитата покажуваат дека судбината на 450P се променила во 1992 година. Тогаш објектот поминал на околу 4,6 милиони километри од Сатурн, а под влијание на силната гравитација на џиновската планета бил насочен кон орбита поблиску до Сонцето.
Ова значајно приближување ја стеснило неговата орбита и ја поместило точката на најголемо приближување до Сонцето веднаш зад орбитата на Јупитер.
Како што се приближувало до Сонцето, небесното тело било изложено на сè поголема топлина, поради што замрзнатите слоеви на неговата површина почнале да се загреваат.
Набљудувањата со телескопот „Џемини Норт“ на Хаваи покажале дека околу јадрото на небесното тело почнал да се формира облак од гас и прашина.
Податоците од вселенскиот телескоп „Џејмс Веб“ откриле присуство на јаглерод диоксид и кристализирани честички мраз во облакот. Астрономите утврдиле дека на оваа оддалеченост, каде што нема водена пареа, токму јаглеродниот диоксид го поттикнува ослободувањето на гасови и активноста карактеристична за кометите.
Замрзнатите небесни тела во надворешните делови на Сончевиот Систем обично имаат аморфна и порозна структура на мраз, која потекнува од пред околу 4,5 милијарди години.
Гасовите заробени во овие пори се ослободуваат кога мразот почнува да кристализира под влијание на сончевата топлина. Притоа, тие со себе исфрлаат и честички прашина од површината во вселената.
Следејќи ја трансформацијата на 450P, научниците добиваат можност уште во најраната фаза да проучат како примитивните материјали од Сончевиот Систем се менуваат под влијание на топлината и како кометите стануваат активни.
Ново гравитациско влијание од некоја од планетите во иднина би можело дополнително да ја промени орбитата на 450P и да го претвори во целосно активна комета од семејството на Јупитер.
