„Уметноста ја крши тишината“: Скопје ќе одбележи 35 години независност со мултимедијален културен настан

07.09.2026 07:25

По повод 35 години од независноста на Македонија, Скопје ќе биде домаќин на мултимедијалниот културен настан „Уметноста ја крши тишината“, кој ќе се одржи на платото пред Музејот на Македонија, во Старата скопска чаршија.

Настанот започнува во 21 часот, а на едно место ќе ги спои музиката, поезијата, визуелната уметност, перформансот и современата клубска сцена. Концептот, според организаторите, нуди поинаков начин на одбележување на Денот на независноста, со акцент на современото творештво, културната разновидност и новите уметнички перспективи.
 
Програмата ќе ја отвори Игор Џамбазов, а во официјалниот дел ќе настапат Весна Микиќ на харфа, Александра Илиева на саксофон, Јана Стојановска, Мишел Трајковски - „Скопје Виа“, Лаура Карлиу и Никола Перевски - Нокаут.
 
Дел од програмата е посветен и на поврзувањето на различните културни заедници. Лаура Карлиу ќе изведе песни на македонски и албански јазик, а пред публиката ќе настапат и Јана Стојановска и Мишел Трајковски.
 
Посетителите ќе имаат можност да проследат и изложба курирана од Антони Мазневски. Ќе бидат претставени дела на Михаил Корубин, Калина Брајковска, Решад Ахмети, Игор Јосифов, Крсто Глигоријадес, Ангел Миов и Синиша Новески. Актерката Ана Стојановска, пак, ќе настапи со рецитал.
 
По завршувањето на официјалната програма, вечерта ќе продолжи во знакот на електронската и клубската музика. Пред публиката ќе настапат Nino Fluder со Александра Илиева на саксофон, како и Ampov и Dimchuga од колективот Buru.
 
За крај на вечерта е најавен настапот на грчката диџејка и радио водителка Myrophora од Солун, членка на NON collective, која зад себе има настапи на повеќе музички фестивали и културни настани во Грција и регионот.
 
„Уметноста ја крши тишината“ преку спој на различни уметнички форми ќе ја одбележи 35-годишнината од независноста, претворајќи го просторот пред Музејот на Македонија во отворена сцена за музика, уметност и културна размена.