Култура

Наградуваната „Уна“ на Звездара театар со изведби на 7 и 9 септември во МНТ

07.09.2026 10:09

„Уна“ доаѓа во Скопје како едно од впечатливите регионални театарски остварувања, во режија на Дејан Пројковски, еден од најзначајните македонски режисери, со Никола Ристановски во главната улога.

Поради исклучителниот интерес од публиката, наградуваната претстава „Уна“ на Звездара театар од Белград вечерва (7 септември) како и на 9 септември ќе има изведби на сцената на Македонскиот народен театар.

„Уна“ доаѓа во Скопје како едно од впечатливите регионални театарски остварувања, во режија на Дејан Пројковски, еден од најзначајните македонски режисери, со Никола Ристановски во главната улога.

Создадена според драмскиот текст на Стеван Копривица, инспириран од култниот роман на Момо Капор, претставата отвора интимен и длабоко емотивен простор во кој се преплетуваат љубовта, сеќавањата, минливоста и изборите кои го определуваат човековиот живот.

Во улогата на професорот Мишел Бабиќ настапува Никола Ристановски, чие маестрално актерско остварување во „Уна“ наиде на исклучителен прием кај публиката и критиката, потврдено со значајни фестивалски признанија. Покрај него, во претставата играат Магдалена Мијатовиќ, Сена Ѓоровиќ и Марко Гверо.

Со својата препознатлива режисерска естетика, Дејан Пројковски ја обликува „Уна“ како интимна и визуелно впечатлива театарска приказна, во која личното станува универзално, а односот меѓу човекот, слободата и љубовта добива ново значење.

Вредноста на претставата е потврдена и со низа значајни фестивалски признанија.

Никола Ристановски е добитник на наградата „Зоранов брк“ за најдобро актерско остварување на фестивалот „Денови на Зоран Радмиловиќ“ во Заечар, како и на признанијата за најдобар актер на Актерските свечености „Миливоје Живановиќ“ во Пожаревац и фестивалот „Театар фест Петар Кочиќ“ во Бања Лука.

Претставата ја освои наградата од публиката на „Денови на Зоран Радмиловиќ“, а на Фестивалот „Театар во еден чин“ во Младеновац ги освои наградите за најдобра претстава и награда од публиката.