42 пожари на отворен простор во изминатото деноноќие, пет се активни
Во изминатото деноноќие во земјава се регистрирани 42 пожари на отворен простор. Пет се активни, пет се ставени под контрола, а 32 се целосно изгаснати, соопшти Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Според информациите заклучно со 7:30 часот, активни се пожарите кај селата Грачани и Никиштани во Општина Ѓорче Петров, каде што огнот е активен и на територијата на Косово, како и во месноста Рамно кај селото Брест во Општина Чучер-Сандево.
Активен пожар има и на потегот меѓу селата Буринец, Локов и Селце во Струшко, кај селото Белица во Општина Македонски Брод и кај селото Милетино во Општина Брвеница.
Под контрола се пожарите кај селата Кнежино и Добреноец и кај селото Тајмиште во Општина Кичево, кај селото Копаница во Општина Сарај, на градската депонија во Делчево, како и пожарот меѓу селата Руѓинце и Орах во Општина Старо Нагоричане.
Во текот на вчерашниот ден целосно се изгаснати 32 пожари на повеќе локации низ државата, меѓу кои во Петровец, Гази Баба, Студеничани, Чучер-Сандево, Ѓорче Петров, Сарај, Теарце, Кратово, Куманово, Липково, Берово, Штип, Струга, Кичево, Долнени, Битола, Новаци, Гевгелија, Ново Село, Струмица, Крушево, Охрид и Градско.
