Можни нови преговори
Војната во ек, дипломатијата на маса. Вашингтон повторно се обидува да ги доближи Русија и Украина – со нов „поширок мировен пакет“ и идеи пренесени од Москва во Киев..

Војната во ек, дипломатијата на маса. Вашингтон повторно се обидува да ги доближи Русија и Украина – со нов „поширок мировен пакет“ и идеи пренесени од Москва во Киев, но и со старите, тешки прашања. Американските претставници Виткоф и Кушнер ги завршија разговорите со Зеленски, откако претходно се сретнаа со Путин. Целта е, велат, не е само прекин на огнот, туку траен мировен договор – со безбедносни и економски гаранции за Украина и план за нејзино обновување. Следниот чекор е оживување на трилатералните преговори, со поддршка од европските партнери. Вашингтон сепак, признава – без компромис од двете страни, нема договор.
„Мојата работа и работата на Џаред е да ги зближиме страните, да ги стесниме разликите и да создадеме добри комуникациски канали. Постигнавме голем напредок во Москва, слушнавме нови идеи и ги донесовме во Киев. Ќе бидат потребни компромиси од двете страни, но веруваме дека имаме услови за напредок“, изјави Стив Виткоф, специјален пратеник на САД за мир.
„Едно нешто што Стив и јас навистина сметавме дека ќе биде продуктивно е да се вратиме на трилатералниот формат, што можевме да го направиме пред околу шест месеци. Разговаравме со двете страни и се надеваме дека многу наскоро ќе имаме напредок во тоа. Мислам дека е важно да се разговара за големите прашања, но и за некои од прашањата за деескалација“, истакна Џаред Кушнер, специјален пратеник на САД за мир.
Но, зад дипломатскиот оптимизам остануваат тешките прашања – територијата и идните безбедносни гаранции, кои досега ги кочеа обидите за договор. Киев порача дека разговорите со Москва можат да продолжат, но дека најспорните прашања можат да ги решат само лидерите.
„Преговорите со Русија можат да продолжат, но најтешките прашања, вклучително и територијалното, можат да се решат само на ниво на лидерите. Прашањето за Донбас не е само прашање за Донбас. Тоа е прашање во срцето на оваа војна – војна за опстанок и исцрпување. Тоа е територијално прашање кое е една од целите на руската страна, а исто така е и упориште за Украина во многу аспекти. Без силна украинска позиција на бојното поле, би имало само ултиматуми. Со таа силна позиција, дипломатијата е можна денес“, посочи Володимир Зеленски, претседател на Украина.
Од Москва, Путин претходно порача дека ситуацијата е тешка, но дека Русија е подготвена за разговори. Кремљ и натаму инсистира во преговорите да се разговара и за, како што ги нарекува, „корените на конфликтот“. Во меѓувреме, продолжија нападите меѓу Русија и Украина, со жртви и повредени на двете страни.
Бојана Крстевски
