Економија

Дурмиши: Ќе реагираме ако има неоправдано зголемување на цените

07.09.2026 17:39

Владата ќе ги следи цените на прехранбените производи и ќе ги искористи сите механизми доколку има неоправдано поскапување или девијантно однесување на трговците. Министерот Бесар Дурмиши најави реакции по објавувањето на податоците за август...

Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, вели – кога ќе излезат податоците за август од Државниот завод за статистика и од Пазарната инспекција, ќе ја известат јавноста и, ако има потреба, ќе постапуваат како во минатото. Дурмиши појасни дека ќе ги употребат сите механизми кои ги имаат на располагање ако има девијантно однесување или зголемување на цените на прехранбените производи од страна на трговците без економска оправданост. Тој потсети дека во јули имаше инфлација од само 0,1 процент на месечно ниво, а 2,3 проценти на годишно, при што цените на прехранбените производи беа намалени за 1,3 проценти.

Министерот Дурмиши вели дека доколку има сознанија за картелско здружување при откупот на земјоделските производи, Комисијата за заштита на конкуренцијата ќе излезе на терен и ќе ги контролира сите здруженија и ќе ги казни во рамки на законските можности.

Министерот Дурмиши имаше билатерална средба со министерот за труд на државата Катар. Потпишаа Меморандум за соработка во областа на трудот, со кој се воспоставува институционална рамка за соработка и размена на искуства во областа на трудот, во согласност со законодавството на двете држави.

Игор Панов