Нова измама на Инстаграм: Лажни пријави за авторски права

08.09.2026 11:03

Измамници испраќаат неосновани пријави за прекршување на авторските права до платформата во сопственост на Мета, со што предизвикуваат суспендирање на кориснички сметки, а потоа бараат пари од корисниците за да ги повлечат пријавите.

Според Би-Би-Си, корисник на Инстаграм со повеќе од 1,5 милиони следбеници во текот на 2026 година се соочил со десетици лажни пријави за прекршување на авторските права.

Корисникот, кој објавува историски фотографии, наведува дека содржините што ги споделува се во јавна сопственост или дека ги има добиено потребните дозволи од носителите на авторските права. И покрај тоа, поради големиот број пријави испратени од иста адреса на е-пошта, дел од неговите објави биле отстранети, а профилот привремено му бил суспендиран.

Лицата што ги поднеле пријавите потоа побарале од него да стапи во контакт со нив преку Телеграм и побарале пари во замена за повлекување на пријавите.

Во обид побрзо да си го врати профилот, корисникот му платил 50 долари во криптовалута на еден од уценувачите. Меѓутоа, кратко по уплатата, се соочил со нови пријави за прекршување на авторските права.

Креаторите на содржини тврдат дека Мета не е доволно ефикасна во откривањето на лажните пријави за авторски права и дека постапките за поднесување приговор траат предолго.

Некои корисници наведуваат дека мора да користат платена услуга за верификација за побрзо да добијат пристап до тимот за поддршка на платформата. Се посочува дека ваквите проблеми довеле до загуба на приходи кај дел од креаторите на содржини, како и до пропуштање договори со компании и брендови.

Од Мета, пак, велат дека нивните системи се дизајнирани да спречат ваков вид злоупотреби. Компанијата соопшти дека, откако Би-Би-Си им ги доставил конкретните примери, биле воведени дополнителни мерки за заштита на одредени профили.

Според експертите, лажните пријави за прекршување на авторските права не се нов метод на измама. Слични измами и претходно биле спроведувани преку интернет-страници и против корисници на Јутјуб.

Експертот за дигитални авторски права од Универзитетот во Сасекс, Андрес Гвадамус, предупредува дека вештачката интелигенција овозможува ваквите измами полесно да се спроведуваат во многу поголем обем.

Гвадамус посочува дека за платформите на социјалните мрежи, кои имаат милијарди корисници, станува сè потешко да направат разлика меѓу вистинските прекршувања на авторските права и лажните пријави.