Во Загреб одбележани 35 години независност на Македонија со хорска музика и архивски документи
Свеченоста се одржа во Хрватскиот државен архив во Загреб, каде присуствуваа претставници на државни институции, дипломатскиот кор, верски заедници, Македонската православна црква во Хрватска, македонската заедница и други гости.

Амбасадата на Македонија во Хрватска и Македонскиот културно-информативен центар во Загреб со свечен прием и културно-уметничка програма го одбележаа 8 Септември – Денот на независноста, годинава во знакот на 35-годишнината од независноста на државата.
Свеченоста се одржа во Хрватскиот државен архив во Загреб, каде присуствуваа претставници на државни институции, дипломатскиот кор, верски заедници, Македонската православна црква во Хрватска, македонската заедница и други гости.
На свеченоста се обратија амбасадорот на Македонија во Хрватска Драган Ѓурчевски, директорката на Македонскиот КИЦ во Загреб Мими Ѓоргоска Илиевска и директорот на Македонскиот државен архив Димитар Богески. Во обраќањата беше истакнато значењето на 8 Септември како симбол на државноста, достоинството и националното заедништво.
Програмата започна со интонирање на македонската и хрватската химна во изведба на професионалниот хор „Про Арс“, под диригентската палка на маестро Сашо Татарчевски.
Централниот дел беше концертот на македонска хорска музика, на кој „Про Арс“ изведе дела од македонски композитори инспирирани од историската и музичката традиција.
Во рамки на одбележувањето беше поставена и изложбата на Македонскиот државен архив „Архивските документи – столб на македонскиот идентитет“, чии автори се Бранислав Светозаревиќ, Марина Ѓоргиевска и Никица Тасевска.
Преку концертот и изложбата, организаторите ја истакнаа улогата на културата и културната дипломатија во продлабочувањето на соработката и пријателските односи меѓу Македонија и Хрватска.
Одбележувањето беше збогатено и со презентација и дегустација на македонска храна и вино.
Во текот на септември во Загреб и во други градови низ Хрватска се најавени и повеќе културни настани посветени на 35-годишнината од независноста, во рамки на годишната програма на Македонскиот КИЦ во Загреб, поддржана од Министерството за култура и туризам.
