Рубио: Има уште многу работа за постигнување мир во Украина
Русија и Украина ги продолжија нападите по тридневниот прекин на огнот кој беше воведен за време на средбите со американски претставници. Државниот секретар Рубио вели дека има уште многу работа за ставање крај на војната. Европа со став, неодамнешните руски напади уште еднаш докажуваат дека Москва не е сериозна во врска со мировните преговори.

И натаму има многу значајна работа за да се стави крај на војната во Украина, истакна Американскиот државен секретар Марко Рубио. Во следните неколку недели предвидено е да се развие план за рестартирање на разговорите и потенцијално да се постигне договор прифатлив за двете страни.
„Постои можност во следните неколку недели да се развие мапа на патот за продолжување на разговорите и можеби да се постигне заклучок дека тоа е прифатливо за двете страни. Викендот беше продуктивен во смисла дека повторно се почна ангажманот по месеци на неангажирање во ова и од наша страна, бидејќи едноставно не видовме дека напредува и имаше суштински идеи ставени на маса за кои, барем за прв пат, се чинеше дека има одредена општа отвореност. Но, останува уште многу работа“, изјави Марко Рубио – државен секретар на САД.
Американските претставници Виткоф и Кушнер викендов ги посетија Москва и Киев во обид да ги оживеат застојаните мировни преговори. Русија и Украина привремено ги прекинаа нападите врз главните градови за време на посетата, но војната продолжи откако претставниците си заминаа. Москва одново го нападна Киев и други региони, Украина возврати со беспилотни летала врз нафтен терминал во рускиот град Новоросијск.
„Слушнавме ужасна, застрашувачка експлозија. Нашите прозорски стакла се недопрени, но прозорците се отворија од експлозијата. Нашиот автомобил е целосно оштетен“, рече жител.
„Слушнавме како го соборуваа Шахед, имаше карактеристичен звук. Беше доста блиску. Сопругот ме извади од кревет, детето беше во ходник. Подоцна видовме дека имало удар, ги повикавме нашите пријатели и излеговме надвор. Веќе имаме искуство со ова“, додаде друг.
Високата претставничка на ЕУ за надворешни работи, Калас, вели дека неодамнешните руски напади уште еднаш докажуваат дека Москва не е сериозна во врска со мировните преговори. Врвната дипломатка ја осуди „војната во сенка“ на Русија против европските земји и ја истакна важноста од присутноста на американските трупи на континентот
„Досега, нема знаци, освен зборовите, но нема знаци дека американските трупи го напуштаат, барем, овој регион тука. Мислам дека ова е многу важно бидејќи присуството на Американци тука е исто така одвраќање за Русија“, изјави Каја Калас – висока претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност.
Вчера Кремљ потврди дека рускиот и американскиот претседател разговарале телефонски точно еден час за активностите што САД би можеле да ги преземат за побрзо ставање крај на војната. Путин му нагласил на Трамп дека Русија нема апсолутно никакви агресивни планови кон Европа.
Маријана Димовска
