Перпарим Бајрами се предаде и замина во затвор
Седум месеци беше недостапен за полицијата. Утрово самиот дојде до неа. Перпарим Бајрами пеш ја преминал границата на Блаце, ги подал рацете за лисици и неколку часа подоцна завршил во притвор. Сега му се менува и позицијата во судницата – нема повеќе судење во отсуство за случајот со речиси 10 милиони евра штета во Државна лотарија.

Пеш ја мина границата, па и се предаде на полицијата која го бараше со меѓународна потерница. Седум месеци по враќањето на ексвицепремиерот Артан Груби и поранешниот директор на Лотарија, Перпарим Бајрами ги подаде рацете за да му стават лисици. Се врати преку истиот граничен премин – Блаце.
Притворот му е изречен одамна, уште кога Обвинителството го отвори случајот и сфати дека Бајрами е во бегство. Па од Блаце изутрината, со полициска придружба е спроведен во затворот во Шутка. Неговиот адвокат за МТВ вели дека ќе го посети во притвор за да го запознае со доказите и со судењето кое е во тек. Дали ќе се бара ублажување на мерката притвор, ќе одлучат дополнително.
Бајрами, Груби и уште шестмина се товарат за злоупотреба на службената положба. Обвинителството тврди дека ја оштетиле Лотарија за 9,7 милиони евра бидејќи купиле опрема за приредување на игри на среќа иако немале право да ги организираат.
„Судот, на обвинетиот ќе му достави примерок од обвинителниот предлог како би можел да се запознае со истиот, а со оглед да Законскиот рок за увид во предлогот и доказите е 8 дена, расправите насрочени за 11-ти и 16-ти септември се отповикуваат а судењето ќе продолжи на 18-ти септември“, соопштија од Кривичен.
Од Обвинителството велат дека за Бајрами се водат уште четири други постапки за истото кривично дело во кои се собираат докази и се вршат вештачења.
Анита Димитријевска – Велковска
