Евроинтеграции

Сали: Собранијата се во срцето на европската интеграција

09.09.2026 20:52

Првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, порача дека активното учество на парламентите е клучно за успешен процес на европска интеграција. На Третата парламентарна конференција на високо ниво во Скопје, Сали истакна дека парламентарниот надзор треба да обезбеди транспарентност, отчетност и конкретни резултати во спроведувањето на реформите.

Собранијата имаат клучна улога во процесот на европската интеграција и треба активно да го следат спроведувањето на реформите, порача денеска во Скопје првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали.

Сали се обрати на Третата парламентарна конференција на високо ниво, посветена на регионалната соработка и улогата на ефективниот парламентарен надзор во унапредувањето на пристапувањето кон Европската Унија.

Тој истакна дека земјите од Западен Балкан треба да го искористат моментот во кој политиката на проширување повторно добива стратешко значење за Европа, со забрзување на реформите и претворање на политичките заложби во мерливи резултати.

Според Сали, европската интеграција не може да биде процес предводен само од владите, бидејќи демократскиот легитимитет и кредибилитетот на процесот зависат и од активното учество на парламентите.

Тој нагласи дека парламентарниот надзор е особено важен за следење на реформските обврски, идентификување на доцнењата и барање конкретни резултати од институциите.

Сали се осврна и на потребата од широк политички консензус за европската интеграција, посочувајќи дека европската перспектива на земјата треба да ги надминува изборните циклуси и партиските интереси.

Посебно ја истакна парламентарната соработка во Западен Балкан и парламентарната дипломатија како важни инструменти за градење доверба, размена на искуства и зајакнување на регионалната соработка.

„Нашиот пат кон Европската Унија ќе биде посилен кога е поддржан од зајакнати парламенти, одговорни институции и добро информирани граѓани“, порача Сали.