Македонија

Серафимовски – Тигањ: Хрватското искуство е значајно за европскиот развој на македонското земјоделство

09.09.2026 20:27

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски денес оствари работна средба со амбасадорката на Република Хрватска, Н.Е. Нивес Тигањ. Од страна на соговорниците заеднички се оцени дека одличните политички односи меѓу двете земји создаваат цврста основа за продлабочување на соработката во земјоделството.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски денес оствари работна средба со амбасадорката на Република Хрватска, Н.Е. Нивес Тигањ.

Од страна на соговорниците заеднички се оцени дека одличните политички односи меѓу двете земји создаваат цврста основа за продлабочување на соработката во земјоделството, особено преку пренесување на хрватското знаење и искуство од пристапниот процес кон Европската Унија.

„Хрватска веќе го помина патот по кој ние се движиме и нејзиното искуство може да ни помогне подобро да ги подготвиме институциите и производителите. Усогласувањето со европските регулативи и стандарди значи поквалитетно производство, поголема конкурентност и подобри можности за пласман на македонските земјоделски производи на меѓународните пазари“, истакна министерот Серафимовски.

На средбата се разговараше за ценовните движења на регионалните и европските пазари на храна, како и за органското производство како можност за создавање на поголема додадена вредност и поконкурентно позиционирање на земјоделските производи.

Во фокусот на разговорот беше и потребата од поголемо поврзување на научната заедница со земјоделците и преработувачите, со што современите сознанија би добиле пообемна практична примена во производството на храна.

Министерот Серафимовски и амбасадорката Тигањ изразија подготвеност соработката меѓу Северна Македонија и Хрватска да се интензивира преку развивање нови заеднички иницијативи, со потенцијал да прераснат во долгорочни партнерства и да донесат видливи придобивки за аграрните сектори во двете држави.