Економија

Божиновска: Науката и институциите мора да работат заедно за развој на минералниот сектор

10.09.2026 20:54

Каталог на минерални суровини, геолошки истражувања и критични минерали меѓу приоритетите на соработката со УГД.

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска денеска во Штип се сретна со раководството и професорите од Универзитетот „Гоце Делчев“, со кои разговарала за зајакнување на соработката меѓу институциите, науката и економијата.

Меѓу приоритетите е изработката на Каталог на минерални суровини и мапа на геолошките истражувања, со цел подобро евидентирање и валоризација на минералниот потенцијал на земјата.

На средбата се разговарало и за истражување на критични минерали и ретки земји, заштита и промоција на македонскиот рубин, како и за заедничко аплицирање за европски фондови.

Божиновска нагласи дека без наука, технологии и силни институции не може да има современо и одржливо рударство, додека ректорот на УГД, Дејан Мираковски, посочи дека Универзитетот располага со научни и лабораториски капацитети што можат да бидат ставени во функција на државата.