Светлината за време на ноќниот сон може да му наштети на здравјето на срцето
Според ново истражување објавено во „Европско списание за кардиологија“, изложеноста на светлина за време на ноќниот сон може да доведе до потенцијално штетни промени во структурата и функцијата на срцето.

Претходните истражувања покажаа поврзаност меѓу спиењето во текот на ноќта при изложеност на светлина и зголемениот ризик од коронарна артериска болест, срцев удар, срцева слабост и мозочен удар.
Сепак, новата студија е прва што испитува како оваа појава влијае врз структурата и функцијата на срцето.
Главниот истражувач од Универзитетот „Тулејн“, д-р Лу Ќи, изјави дека овие структурни промени на срцето, односно неговото ремоделирање, би можеле да помогнат во објаснувањето на зголемениот ризик од срцеви проблеми поврзани со прекумерната изложеност на светлина во текот на ноќта.
Истражувачите ги анализирале податоците на 11.071 учесник кои на почетокот немале кардиоваскуларни заболувања.
Учесниците носеле сензори за светлина и движење на зглобовите, а неколку години подоцна им била направена магнетна резонанца на срцето.
Истражувачите ги споредиле лицата кои за време на ноќниот сон речиси воопшто не биле изложени на светлина со оние кои биле изложени на светлина од најмалку 3 лукса, што одговара на многу слабо осветлена просторија.
Како можни извори на светлина во истражувањето се наведуваат уличното осветлување што продира низ прозорците, светлината од радиочасовници и ЛЕД-светилките на електронските уреди.
Откако биле земени предвид демографските фактори, начинот на живот, здравствената состојба и факторите од животната средина, било утврдено дека секое изложување на светлина над 3 лукса за време на ноќниот сон е поврзано со мерливи промени во кардиоваскуларниот систем.
На пример, кај учесниците од групата со најголема изложеност на светлина, во споредба со оние кои спиеле во најтемни простории, била забележана просечно 2,4 проценти поголема лева срцева комора, 1,5 проценти задебелување на срцевиот ѕид и 1,9 проценти намалување на способноста на срцето да се контрахира.
Истражувањето покажало дека лицата од групата со најголема изложеност на светлина имале 29 проценти поголем ризик од срцева слабост, 24 проценти поголем ризик од срцев удар, 33 проценти поголем ризик од мозочен удар и 26 проценти поголем ризик од смрт од кардиоваскуларни заболувања во споредба со групата со најмала изложеност.
Експертите нагласуваат дека може да се преземат едноставни и евтини мерки, како користење завеси што ја блокираат надворешната светлина, избор на осветлување со топли тонови во спалната соба и исклучување на малите ЛЕД-светилки на електричните уреди.
