Македонија на Евровизија

14.09.2026 14:57

Пет години без македонско знаме на евровизиската сцена – паузата завршува. Македонија се враќа на Евровизија и во 2027 година повторно ќе има свој претставник.

По пет години пауза – Македонија се враќа на евровизиската сцена. Во 2027 година земјава повторно ќе има свој претставник на најголемиот европски музички натпревар, кој ќе се одржи во Бургас, Бугарија.

Информацијата е објавена на официјалната страница на Европската радиодифузна унија. Македонската делегација во Бургас ќе ја предводат Јана Бурческа и Александра Јовановска.

Од МРТ најавуваат нов пристап кон Евровизија. Директорот Зоран Ристоски вели дека јавниот сервис има поддршка од ЕБУ во промоцијата на македонските културни вредности, а се очекува и поповолен пакет за враќање на натпреварот.

Ристоски најавува и промена во начинот на кој ќе се избира македонскиот претставник. Вели – завршува практиката на нетранспарентен избор и јавноста ќе знае како и зошто е избран тој што ќе ги брани македонските бои.

Македонија последен пат учествуваше на Евровизија во 2022 година, кога Андреа Коевска со „Кругови“ не успеа да обезбеди место во финалето.

Последниот македонски финалист, пак, беше Тамара Тодевска со „Горда“ во 2019 година во Израел.

Ирина Гелевска