Фонд за здравство

Контроли на боледувањата: Фондот најавува проверки по пријава и по случаен избор

14.09.2026 15:29

Осигурениците кои користат боледување може да бидат посетени од контролори на Фондот за здравство. Ако не бидат затекнати дома, ќе треба да објаснат пред лекарска комисија зошто не биле на адресата на која го користат боледувањето.

Контролори на Фондот за здравство ќе проверуваа на домашна адреса дали осигуреникот навистина го користи боледувањето за здравствени потреби или го злоупотребува отсуството од работа. Проверките ќе се спроведуваат по пријава на работодавачите, но и по случаен избор. Доколку осигуреникот не биде затекнат на домашна адреса, ќе биде упатен пред лекарска комисија, каде што ќе треба да го образложи отсуството. За случајот ќе биде известен и работодавачот.

Фондот најавува заеднички контроли со УЈП и МВР, со цел да се спречат злоупотребите на боледувањата.

„Доколку контролорот не го најде лицето коешто е на боледување дома, во тој случај остава документ којшто иницира истото лице да се јави на соодветната лекарска комисија и да образложи зошто не е дома или не бил на местото каде треба да го спроведува боледувањето. Секако дека ќе биде информиран и работодавачот“, изјави Златко Перински, директор на ФЗОМ.

Нови правила и за матичните лекари – се намалува бројот на денови за кои тие ќе можат да отворат боледување, од седум на пет дена.

Предлог- измените на правилникот за боледување Управниот одбор на фондот ќе го разгледува следната недела. Доколку бидат усвоени, потребно е и позитивно мислење и согласност од Министерството за здравство.

Околу шест ипол милијарди денари, Фондот за здравство троши годишно за боледувања – 70 проценти од овие пари се наменети за породилно отсуство, останатите се за исплата на боледувања по друг основ.

Андријана Ѓурческа