Евроинтеграција

Сали: Процесот на проширување мора да се темели на заслуги и реформи

15.09.2026 11:21

Во Скопје се одржува меѓурегионална средба на која учествуваат претставници од земјите на Западен Балкан, но и од Украина, Молдавија и Грузија како и од Европската комисија и меѓународните партнери.

Земјите-кандидатки за членство во Европската унија очекуваат процесот на пристапување да биде транспарентен и заснован на реализираните реформи и заслуги. Ова го истакна вицепремиерот и министер за европски прашања Беким Сали, во рамките на средбата со главните преговарачи на девет земји-кандидатки за членство во Европската унија од Западен Балкан, Украина, Молдавија и Грузија, како и претставници на Европската комисија и меѓународните партнери.

Проширувањето на Европската унија сега зазема централно место во европската политичка агенда, но овој политички моментум мора да се пресретне со испорачување на реформи, беше порачано од средбата.

Кредибилитетот на процесот на проширување ќе биде мерен според реформите што земјите ги имплементираат, според заедничкото зајакнување на институциите и според подобрувањето на условите за граѓаните.

Денешниот состанок испраќа политичка порака. И покрај различните национални услови и фази на европската интеграција, Западниот Балкан и источните партнери ја споделуваат аспирацијата кон Европската унија и сакаат да стекнат придобивки од меѓусебниот дијалог.

Регионалната соработка е неопходен дел од напорите за национални реформи, беше порачано од средбата.

 

Марија Котовска