Милиони евра потрошени во ЕВН за набавки кои не биле искористени, утврди ревизијата на ДЗР
Кај само шест оператори завршиле над 70 проценти од набавките – Државниот ревизор во извештајот за 2024-та констатираше слабости во планирањето, но и во реализацијата на јавните набавки во ЕСМ. Се набавил гасен мотор, се фрлиле пари, а опремата не била ставена во функција.

Ревизијата констатирала низа слабости во планирањето, спроведувањето и реализацијата на јавните набавки во ад ЕСМ – Скопје. Со неа се опфатени 27 постапки, со обврски од речиси 143,6 милиони евра. Ревизорите утврдиле дека дел од постапките не биле во согласност со законите, а биле доведени во прашање и транспарентноста, конкуренцијата и ефикасното користење на јавните пари.
Ревизорите утврдија низа слабости при јавните набавки на ЕСМ. Еден од клучните проблеми е планирањето. Годишниот план бил изготвуван без доволно истражување на пазарот, а во 2024 година e менуван дури 19 пати. Во извештајот за 2024 година се нотираат чести измени на огласите и тендерската документација, поништени и обжалени постапки, како и случаи со само една понуда. Дополнително, само шест економски оператори учествувале во договори вредни повеќе од 70 проценти од вкупната вредност на договорите во 2024 година.
Еден од највпечатливите случаи е набавката на гасен мотор. За него биле платени околу 2,5 милиони евра, но моторот не бил ставен во функција и подолго време бил складиран. За адитив, пак биле платени уште 2,3 милиони евра, а најголемиот дел останал неискористен и му истекол рокот. Дополнителни 1,7 милиони евра биле платени за дислокација на опрема која не била ставена во употреба. Ревизорите утврдиле слабости и во техничките спецификации, проверката на понудите и измените на договорите. Бараат подобра контрола, поголема транспарентност и конкуренција и, пред сè, поефикасно и поекономично трошење на јавните средства.
Фиљана Кока
