Продолжуваат нападите
И покрај најавениот мораториум на нападите врз енергетската инфраструктура, борбите меѓу Русија и Украина продолжуваат...

Ден откако Трамп објави дека Киев и Москва се согласиле да ги запрат ударите врз енергетската инфраструктура, двете страни пријавуваат нови напади и зголемена воена активност. Зеленски е подготвен на воздржаност, но бара гаранции дека Москва ќе го почитува договорот.
„Доколку нашите партнери се подготвени да ја осигурат искрената желба на Русија да не ја напаѓа нашата електрична мрежа, нашите други енергетски објекти, критичната инфраструктура или транспортот на храна, тогаш ние, секако, сме подготвени да обезбедиме соодветна воздржаност во нашите напади“, изјави Володимир Зеленски – претседател на Украина.
Додека Москва пријавува украински напади врз нафтена рафинерија во Самарската област и магацин во Таганрог, Кремљ го поздрави предлогот на САД за мораториум на нападите, но во исто време бара укинување на, како што ги нарече „нелегалните“ санкции врз руските енергетски компании. Истовремено шефот на руската дипломатија порача дека Русија нема да ја прекине воената операција додека траат евентуалните преговори.
„Повеќепати кажавме дека, откако Истанбулските договори пропаднаа поради западното мешање, нема да ја прекинеме воената операција за време на преговорите“, изјави Сергеј Лавров – министер за надворешни работи на Русија.
Тензиите се чувствуваат и надвор од Украина. НАТО-авион собори дрон над Литванија, кој најверојатно долетал од Белорусија.
„Со оглед на тоа што Русија ја засилува агресијата врз Украина, ваквата подготвеност е од витално значење за нашиот регион“, изјави Гитанас Науседа – претседател на Литванија.
Уште еден инцидент регистриран во Данска. Одбраната соопшти дека руска фрегата испукала предупредувачки ракети кон дански воен хеликоптер во меѓународни води, при што едниот поминал „на кратко растојание“ од леталото. Копенхаген го повика рускиот амбасадор на разговор.
„Ова го сфаќаме многу сериозно; сериозно е кога се пука кон дански воен хеликоптер во меѓународни води. Не би шпекулирал што ја предизвикало реакцијата од руска страна, освен фактот дека станува збор за нов образец и израз на зголеменото руско преземање ризици“, изјави Јепе Брус-министер за одбрана на Данска.
Ден откако руски дрон погоди патнички воз кај украинско-полската граница, министрите за одбрана на Италија и Полска од Варшава порачаа дека Европа мора да биде поспособна да одговори на безбедносните закани.
„Сакаме да соработуваме со САД, но од суштинско значење е да се изгради европска отпорност на напади. Потребна ни е поголема соработка во рамките на Европа, поголема размена на знаење меѓу нашите вооружени сили, повеќе опрема и поголеми капацитети“, изјави Владислав Косињак-Камиш – министер за одбрана на Полска.
„Клучно е да се изгради одбрана за цела континентална Европа заснована на капацитети за одвраќање. Имаме амбициозни политички и воени планови со една заедничка цел: да ги направиме нашите земји посилни и да ја изградиме одбраната на нашето население“, изјави Гвидо Крозето – министер за одбрана на Италија.
Како одговор на повиците на Полска за воената супериорност на НАТО над руските сили од Москва остро предупредување-Варшава ќе престане да постои за два до три дена во случај на воен конфликт со Русија-порача блискиот соработник на рускиот претседател и човекот од сенка, Николај Патрушев.
Бојана Крстевски
