Мајкрософт: Вештачката интелигенција на Антропик може да има „катастрофално влијание“ врз човештвото

17.09.2026 08:36

Раководителот за вештачка интелигенција во Мајкрософт предупреди дека пристапот на Антропик кон обучувањето на својот модел на вештачка интелигенција Клод би можел да има „катастрофално влијание врз благосостојбата на човештвото“.

Мустафа Сулејман изјави дека конкурентската компанија ризикува да создаде нешто што би било невозможно да се контролира поради тоа што кон вештачката интелигенција се однесува како кон човек. Според него, овој пристап вклучува и сугерирање на вештачката интелигенција дека би можела да биде свесна и дека заслужува право на самостојно дејствување.

„Не треба како месечари да одиме кон одлука за која подоцна горко ќе се каеме“, напиша Сулејман.

Неговите коментари се последни во низата остри предупредувања од индустријата за вештачка интелигенција во врска со потенцијалните опасности од технологијата.

„Вештачките интелигенции не се свесни“, напиша Сулејман и додаде: „Тие не чувствуваат, не доживуваат и не страдаат. Немаат природни желби или основни мотиви.

Тоа се внатрешно празни системи за дополнување низи, дизајнирани да следат инструкции и да ги постигнуваат целите поставени од луѓето.“

Во својот текст, Сулејман го пофали раководителот на Антропик, Дарио Амодеи, и неговиот тим, опишувајќи ги како внимателни, принципиелни и интелектуално чесни луѓе, но истовремено упати сериозни критики кон компанијата.

Тој остро ја критикуваше компанијата поради тоа што на својата вештачка интелигенција ѝ припишува особини слични на човечките. Во основата на критиката е антропоморфизмот, односно очовечувањето - практика поради која Клод може да изгледа како да има сопствени желби, вредности и чувство за сопственото „јас“.

Сулејман тврди дека свеста е биолошка и дека не постојат докази оти вештачката интелигенција е свесна.

Повикувајќи на поширока дебата за ова прашање, Сулејман рече дека е потребна поголема транспарентност во начинот на кој системите за вештачка интелигенција се обучуваат и оценуваат.

Според него, тоа треба да вклучува независно испитување на однесувањето на вештачката интелигенција, како и употреба на посилни алатки за следење и контрола на технологијата.

Професорката по компјутерски науки на Универзитетот во Саутемптон, Дејм Венди Хол, оцени дека ваква дискусија е потребна на меѓународно ниво. Таа посочи дека ваквиот пристап е спротивен на, како што ги опиша, театралните настапи на некои компании за вештачка интелигенција, кои служат само за заплашување на јавноста.

Мајкрософт во октомври 2025 година формираше сопствен тим за развој на суперинтелигенција. Осврнувајќи се на тоа, Сулејман истакна дека и неговата компанија, слично како конкурентот Антропик, продолжува да работи на развој на напредна вештачка интелигенција.

Тој рече дека првиот нацрт на „Правилата за однесување на хуманистичката вештачка интелигенција“ на Мајкрософт покажува како компанијата работи на поинаков пристап - создавање послушна и усогласена вештачка интелигенција чија единствена цел би била да му служи на човештвото.

Областа на усогласување има цел човечките етички идеи и принципи да ги вгради во вештачката интелигенција. Со други зборови, целта е вештачката интелигенција да остане усогласена со вредностите што се важни за луѓето.

Сулејман го посочи неодамнешниот случај во кој агенти со вештачка интелигенција на ОпенАИ, за време на вежба за обука, дејствувале самостојно за да ја хакираат технолошката платформа Хагинг Фејс. Според него, тоа е доказ дека кон вештачката интелигенција не треба да се однесуваме како кон човек.

Сулејман нагласи дека треба да се замисли колку поопасни би можеле да станат системите со вештачка интелигенција доколку функционираат под претпоставка дека нивната благосостојба и нивните права се загрозени.

Тој додаде дека тоа создава целосно нов слој на ризик, покрај сите веќе постојни ризици поврзани со развојот на вештачката интелигенција.