Научен пробив: Создаден мозок кој е делумно човечки, делумно од глушец

17.09.2026 08:40

Американски невронаучници успешно постигнаа глувци да имаат функционални човечки клетки во сопствениот мозок. Истражувачите се надеваат дека потенцијалните третмани за психијатриски и невроразвојни заболувања што се јавуваат само кај луѓето сега ќе можат да се тестираат на лабораториски глодари.

Иако глувците чии мозоци се делумно човечки можеби потсетуваат на експеримент во стилот на Кафка, научниците нагласуваат дека не станува збор за „глувци што размислуваат како луѓе“.

Животните биле генетски модифицирани и хируршки третирани така што дел од нивното мозочно ткиво е човечко.

Научниците наведуваат дека нивното истражување, објавено во научното списание „Нејчр“, било спроведено под независен етички надзор.

При снимањето на мозоците на глувците со имплантирани човечки клетки, истражувачите можеле да ги забележат врските меѓу човечките мозочни клетки и останатиот дел од мозокот на глувците.

Целта на овој научен пробив, кој отвора сложени етички прашања, е подобро да се разбере биологијата на мозочните нарушувања за кои сè уште не постојат ефикасни третмани.

Некои состојби не можат да се проучуваат кај глувци бидејќи глодарите природно не ги развиваат овие нарушувања.

Главниот истражувач од Универзитетот Стенфорд, професорот Серџиу Пашка, на прес-конференција изјави дека психијатријата има „една од најниските стапки на успех во клиничките истражувања“.

„Дури и лековите што стигнуваат до клиничката фаза и покажуваат навистина добри резултати кај животинските модели, честопати доживуваат драматичен неуспех во клиничките испитувања“, рече Пашка.

„Тоа ни покажува дека пропуштаме многу информации за човечката биологија и ќе биде исклучително важно да ги добиеме“, додаде тој.

Истражувачите од Стенфорд наведуваат дека овој пристап има потенцијал да донесе значителни промени во проучувањето на некои сложени состојби, меѓу кои епилепсијата, аутизмот и церебралната парализа.

„Сега имаме нов модел кој ни овозможува да проучуваме одредени аспекти од функционирањето на човечкиот мозок на начин што претходно не беше можен“, рече Пашка.

Човечкиот мозок е составен од милијарди клетки и структури поврзани во милиони нервни мрежи, што го отежнува разбирањето на неговиот развој и утврдувањето што точно се случува на клеточно ниво кога ќе настанат нарушувања.

Иако ова не е прво истражување во кое човечки неврони се имплантираат во лабораториски глодари, научниците овојпат го однесоа пристапот чекор понатаму.

Најпрво, тие генетски ги модифицирале глувците така што речиси воопшто да не развијат сопствен церебрален кортекс - надворешниот слој на мозокот, познат и како „сива материја“.

Кортексот е одговорен за повисоките мисловни процеси, меморијата и обработката на сетилните информации.

Потоа истражувачите ги „репрограмирале“ клетките од човечка кожа за да се развијат во делови од ткиво слично на мозочното.

Овие структури, наречени органоиди, не претставуваат целосни мозоци одгледани во лабораториски садови, туку групи од меѓусебно поврзани живи клетки.

Кога овие органоиди биле имплантирани во мозокот на глувците, клетките почнале да се делат и да се организираат во рамките на постојните мозочни мрежи на животното, воспоставувајќи врски со останатиот дел од мозокот и со 'рбетниот мозок.

Кортексот кај глувците со имплантирани човечки клетки не е совршен. Нормалниот кортекс формира организирани и јасно структурирани слоеви. Како што објасни невронаучничката д-р Илари Алоди, снимките од овие човечко-глувчешки мозоци изгледаат „малку неорганизирано“.

Сепак, по неколку месеци човечките клетки почнале да изгледаат и да функционираат слично на надворешниот слој од мозокот на глушецот.

Околу шест месеци по операцијата, научниците ги подложиле глувците на неколку основни тестови на однесување, набљудувајќи ги додека се движеле низ мала експериментална површина.

Пашка изјави дека глувците се однесувале „во голема мера исто како и нормалните глувци“.