Мицкоски во Вашингтон на средби со американски конгресмени
Премиерот Христијан Мицкоски, кој ја предводи владината делегација во работна посета на САД, во Вашингтон оствари средби со конгресмените Клаудиа Тени и Кит Селф. Во фокусот биле билатералните односи, парламентарната соработка и можностите за нивно унапредување. Мицкоски ќе учествува на Генералното собрание на ОН во Њујорк, каде што најави повеќе билатерални средби.

Премиерот Христијан Мицкоски кој ја предводи владината делегација во работната посета на САД, во Вашингтон веќе остварил средби со конгресменката Клаудиа Тени и со конгресменот Кит Селф.
Мицкоски вели дека на средбата со Тени, која е копретседавач на Македонската група за пријателство во Конгресот на САД, разговарале за традиционално силните и пријателски односи меѓу Македонија и Соединетите Американски Држави, како и за значењето на парламентарната соработка и размената на искуства меѓу двете земји. Тој се сретнал и со конгресменот Кит Селф, претседател на Поткомитетот за Европа.
Мицкоски, во рамки на посетата на САД, ќе учествува и на годинашното собрание на Обединетите нации во Њујорк. Пред заминувањето во Њујорк, Мицкоски најави дека на маргините на годинашното Генерално собрание на ОН, ќе се сретне со голем број државници и оти веќе има потврдени средби.
Кажа дека ќе се обидат да имаат билатерални средби и со земји од Заливот, со кои смета дека треба да градат добри и солидни партнерски врски.
