Почна тридневното гласање на парламентарните избори во Русија
Три дена ќе се гласа на парламентарните избори во Русија. Главната партија на Кремљ, „Eдинствена Русија“ се очекува да ги засили позициите бидејќи практично нема опозиција во земјата. Освен за избор на членови во Думата, се избираат и гувернери во 11 региони, а се гласа и во анектираните украински територии. Украинските власти го оценија гласањето како нелегално и повикаа странските влади да не ги признаваат изборите.

Почна тридневното гласање на парламентарните избори во Русија. Првите гласачки ливчиња беа пополнети на рускиот Далечен Исток. Главната партија на Кремљ, „Единствена Русија“ е подготвена да ја задржи контролата врз Долниот дом, со неколку други партии поврзани со претседателот од т.н. „системска опозиција“. Голема излезност се очекува во текот на викендов, а 111-те милиони гласачи со право на глас имаат опција и за електронско гласање.
„Пред сè, ова е граѓанска должност – избор направен од поединец за нашата сакана, прекрасна Русија“, изјави жител.
„Ако имате право на избор, секако треба да го искористите. Бидејќи сме на Далечниот Исток, традиционално сме меѓу првите во нашата огромна земја што гласаат. Затоа, навистина треба да дојдете, да ја исполните вашата должност, а потоа да уживате во остатокот од викендот со мир во душата“, изјави Богдан Буличев, кандидат за Државна Дума.
Покрај парламентарните избори кои практично нема опозиција и за кои е речиси сигурно дека ќе ја зацврстат политичката доминација на Кремљ, се избираат и гувернери во 11 региони, а се гласа и во анектираните украински територии. Украинските власти го оценија гласањето на тие територии како нелегално и повикаа странските влади и меѓународните организации да не ги признаваат изборите.
„Што очекувам од изборите? Крај на војната – тоа е главната работа, секако, тоа е најважното нешто во моментов. Сите сакаат мир, тоа е суштината“, изјави жител.
„Навистина би сакала да видам како животот се стабилизира и се подобрува, односно крај на големиот јаз меѓу ултрабогатите и екстремно сиромашните, бидејќи, на крајот на краиштата, многу луѓе живеат многу тежок живот“, изјави друг.
„Што се однесува до очекувањата од изборите ситуацијата е секако сложена, па посакуваме успех – сите важни иницијативи што ги презема нашата влада да бидат успешни. И, секако, победа“, изјави жител.
Путин смета дека изборите се тест за поддршката за воената операција во Украина која продолжува со несмален интензитет. Синоќа руските сили извршија напади со беспилотни летала во Киев, Одеса, Запорожје. Москва тврди дека руската престолнина пак била нападната со повеќе од 350 украински летала.
Маријана Димовска
