Димитровски: Дијалогот со Бугарија да продолжи во духот на заемното почитување на правата
Дијалогот со Бугарија да продолжи во духот на заемното почитување на правата – ова е пораката која среде Софија ја испрати заменик-министерот за надворешни работи, Зоран Димитровски. Според него, вклучувањето на Бугарите во Уставот не претставува проблем, но во исто време, и другата страна е потребно да ги спроведе пресудите на Европскиот суд за човекови права.

Македонија ја гледа можноста, по 21 година како кандидат да забрза на патот кон ЕУ ако се ограничи правото на вето на земји-членки на Унијата поради билатерални прашања, оцени заменик-шефот на дипломатијата Димитровски на дебата во Софија.
„Веруваме дека иницијативата на либералите во Европа, ниедна земја-членка да нема право на блокада е добра и за продолжување на евроинтеграцијата на Македонија. Тешко е да се смени правилото на вето, но важно е за проширувањето, за исполнувањето на критериумите врз основа на заслуги. Знаеме дека има пријатели во Бугарија кои сметаат дека добрите добрососедски односи се дел од критериумите, но сметаме дека тие треба да бидат двонасочни. Софија да ни подаде рака, како што и ние сме за дијалог за разрешување на отворените прашања“, изјави Димитровски.
Бугарија поддржува пристап за постепена интеграција на земјите кандидатки, но за Македонија не отстапува од условите за уставни промени што смета дека се европски критериум за почеток на отворање поглавја.
„Бугарија сака да ја види Северна Македонија во ЕУ што е можно побрзо. Нема диктат од Софија, но нормално – европската рамка за проширувањето е нешто низ што поминува секоја кандидатка. Не може да кажете дека не ни се допаѓа и сакаме да ја измениме. Мора да се спроведе. Се надевам дека ќе најдат политички пат за да почнат преговори што побрзо што е во интерес не само на граѓаните на Северна Македонија туку на целиот регион“, рече Андреј Ковачев – европратеник од Бугарија.
Од дебатата беше испратена и пораката дека реформите мора да се спроведат за граѓаните да ги почувствуваат придобивките што е можно поскоро.
Ирина Гелевска
