унеско

Засилен надзор за заштита на културното наследство во Охрид

21.09.2026 12:00

Спроведување на препораките на УНЕСКО остануваат еден од клучните приоритети на институциите по последната одлука на УНЕСКО. Управата за заштита на културното наследство најавува засилен инспекциски надзор, контрола но и санкции за непочитување на конзерваторските одобренија.

Културното наследство во Охрид под засилен мониторинг. Во фокусот на Управата за заштита на културното наследство се контролата на конзерваторските одобренија, инспекцискиот надзор и санкционирањето на негативните дејствија кои го загрозуваат заштитеното подрачје.

Планот за управување и Стратегијата за рехабилитација на Охридскиот регион се основа за понатамошното постапување, а целта е доследно спроведување на мерките за заштита и зачувување на автентичниот лик и исклучителните вредности на Охридскиот регион.

„Што се однесува конкретно за Управата за заштита на културно наследство, преку инспекцискиот надзор, кој треба да го контролира издавањето и постапувањето по конзерваторските одобренија коишто се издадени од страна на Управата. Значи, дали се почитуваат, дали се издадени согласно препораките на Управата, дали има постапувања, дали во рамките на тие конзерваторски одобренија конзерваторскиот надзор постапува согласно насоките коишто ги имаме дадено“, изјави Весела Честоева-директорка на Управата за заштита на културно наследство.

Од Управата велат еден од клучните предизвици се дивоградбите, за што се преземаат и мерки за санкционирање.

„Охрид во изминатите години, со самото тоа што има регистрирано голем број на дивоградби го става на тој ранг. И ние успеавме да го убедиме Комитетот за светско наследство дека во наредните години, како држава зборам, со сите релевантни институции, дека ќе дадеме се од себе за да можеме да одговориме на овие препораки“, додаде Весела Честоева.

Охрид и Охридскиот регион не се најдоа на Листата на светско наследство во опасност, институциите имаат рок до 2030 година да ги спроведат препораките за зачувување на исклучителните универзални вредности на регионот.

Соња Рилковска