Култура

„Падот на Масада“ на Драмски театар гостува на фестивалот „Стоби 2026“

21.09.2026 14:15

Драмски театар Скопје утре, 22 септември, ќе гостува на 23. Интернационален фестивал на античка драма „Стоби“ во Велес со претставата „Падот на Масада“ од Венко Андоновски, во режија на Дејан Пројковски. Претставата ќе биде изведена со почеток во 20 часот.

Фестивалот „Стоби 2026“ се одржува од 15 до 24 септември и годинава во програмата обединува театри од Македонија, Србија и Италија. Драмски театар Скопје ќе се претстави со камерната претстава „Падот на Масада“, чија премиера беше одржана во декември 2023 година.

Во средиштето на драмата на Венко Андоновски е прашањето дали човекот треба да го даде сопствениот живот за одредена идеја, без разлика дали таа е поврзана со национална, патриотска, револуционерна или друга идеолошка чест.

Преку колажна драматуршка структура составена од шест слики од различни историски периоди, претставата го следи менувањето на односот кон жртвата, смртта, идеологијата и херојството низ вековите.

Приказната започнува во опколената тврдина Масада, продолжува со македонските комити и изборот меѓу смртта и предавањето, а потоа се префрла во берлинскиот бункер во последните денови на нацистичкиот режим. Во понатамошните сцени драмата се доближува до совремието, каде што големите историски идеи се преиспитуваат и се соочуваат со апсурдот, насилството и баналноста.

Режијата е на Дејан Пројковски, асистент на режисерот е Дамјан Димовски, сценографијата и костимографијата се на Валентин Светозарев, а музиката на Горан Трајкоски.

Во претставата играат Александар Степанулески, Јелена Жугиќ, Рубенс Муратовски, Филип Трајковиќ и Емилија Мицевска. „Падот на Масада“ трае 100 минути без пауза.

На годинашниот фестивал „Стоби“ ќе бидат изведени и „Бегалка“ на струмичкиот театар, „Претходно“ на театар од Сицилија, „Годо“ во копродукција на велешкиот, штипскиот и кумановскиот театар, „Лисистрата“ на театарот од Зрењанин и „Сите убави нешта“ на штипскиот театар. Во рамките на фестивалот ќе бидат доделени награди за најдобра претстава, режија, главна женска и главна машка улога.