Пет македонски филмови на Интернационалниот филмски фестивал во Тирана
Програмата е иницирана и реализирана од Македонскиот културен центар во Тирана, под раководство и координација на директорката Ема Попивода, во соработка со Интернационалниот филмски фестивал во Тирана.

Со проекција на филмот „Мајка“ на Теона Стругар Митевска вечерва во Тирана започнува Интернационалниот филмски фестивал во Тирана, на кој годинава ќе бидат претставени пет македонски филмови во рамките на специјалната програма „Фокус на современиот македонски филм“.
Програмата е иницирана и реализирана од Македонскиот културен центар во Тирана, под раководство и координација на директорката Ема Попивода, во соработка со Интернационалниот филмски фестивал во Тирана.
Покрај „Мајка“, публиката ќе има можност да проследи филмови на Милчо Манчевски, Митко К. Панов и Ханис Багашов, како и филмови на Ибер Деари и Мирсад Абази.
Во рамките на македонската програма ќе бидат одржани и два мастер-класа на Теона и Лабина Митевски, посветени на процесите на создавање, развој и продукција на филмско дело.
Македонскиот продуцент Јане Ќортошев ќе биде член на жирито на фестивалот.
Особено ме радува што современата македонска кинематографија годинава добива значајно место на еден од најреномираните филмски фестивали во Албанија. Присуството на пет македонски филмови, два мастер-класа и македонски претставник во жирито претставува силна промоција на нашето филмско творештво и отвора нови можности за културна соработка, изјави Ема Попивода, директорка на Македонскиот културен центар во Тирана.
Реализацијата на македонската програма и дел од придружните настани е поддржана од Македонскиот културен центар во Тирана и Министерството за култура и туризам на Северна Македонија.
