Мерц останува на функцијата по изборниот пораз на ЦДУ
Германскиот канцелар Фридрих Мерц соопшти дека останува на функцијата и покрај тешкиот резултат на неговата ЦДУ на регионалните избори во Берлин и Мекленбург-Западна Померанија. ЦДУ во североисточната покраина освои 4,9 отсто и не влезе во покраинскиот парламент, додека во Берлин заврши зад Левица. АфД победи во Мекленбург-Западна Померанија, но останува без коалициски партнери.

Изборен удар, политички притисок – но, без оставка. Германскиот канцелар Мерц останува на функцијата, иако неговата демохристијанска ЦДУ доживеа тежок пораз на регионалните избори во Берлин и Мекленбург-Западна Померанија.
„Резултатот е катастрофа. За тоа нема што да се дискутира, но реформите мора да се спроведат. Јас ја преземам одговорноста за тоа и ќе продолжам“, изјави Фридрих Мерц-канцелар на Германија.
Сега почнува вистинскиот тест за германскиот канцелар, откако неговата партија претрпе пораз во различни политички насоки – од АфД на истокот и од Левица во главниот град. Во Мекленбург-Западна Померанија, АфД ја бутна ЦДУ под изборниот праг, додека Левица успеа да достигне на првото место во Берлин. Но и покрај изборниот удар, првиот сигнал од демохристијаните е дека засега нема отворено барање за смена на Мерц.
„Фридрих Мерц ја има нашата доверба. Тој ја води оваа земја низ апсолутно вонредни и крајно тешки времиња. И токму затоа ќе дискутираме за сè што тој кажа вчера. Овде не се работи за спасување на канцеларската функција, туку за состојбата во нашата земја“, изјави Катарина Дос Сантос-Вирц-пратеничка група на ЦДУ.
„Реформите мора да се спроведат така што ќе им одговараат на луѓето. И ниту една реформа нема да излезе од германскиот Бундестаг во истата форма во која влегла во него. Партиското раководство стои зад канцеларот“, изјави Карл-Јозеф Лауман-заменик-претседател на ЦДУ.
АфД слави и порачува – времето на ЦДУ изминува.
„Ова е втора последователна победа на покраинските избори за АДФ, што јасно покажува дека ја заменивме ЦДУ како народна партија; за првпат во својата историја. ЦДУ воопшто не е застапена во еден парламент и ќе мора да одлучи како планира да продолжи понатаму. Не веруваме дека ЦДУ може да продолжи на овој начин“, изјави Алис Вејдел-ко-претседателка на АфД.
Сепак, и покрај изборната победа, АфД нема сигурна опција за формирање влада, бидејќи преостанатите партии ја исклучуваат соработката со неа.
„Сметаме дека мандатот за формирање влада е наш. Ние сме убедливо најсилната политичка сила и сакаме да донесеме промени. Затоа ќе ги поканиме и другите партии на разговори, иако не очекувам позитивен одговор“, изјави Лајф-Ерик Холм – водечки кандидат на АфД.
Новиот пораз за Мерц доаѓа само две недели по победата на АфД во Саксонија-Анхалт. А притисокот не доаѓа само од опозицијата, туку и од коалицискиот партнер СПД кој предупредува дека владата мора да се соочи со тешки прашања.
„Пред нас се навистина тешки предизвици. Прашања како здравството, грижата, пензиите – сето тоа мора да го решаваме. Но, мораме сериозно да ги сфатиме и грижите на луѓето“, изјави Матијас Мирш-шеф на пратеничката група на СПД.
Пред Мерц е предизвикот да ја задржи поддршката во ЦДУ, да ја одржи владината коалиција и да покаже резултати од реформите на кои ја темели својата политика.
Бојана Крстевски
