Нов смртен случај
Деветта жртва од вирусот западно нилска треска кај нас. Шеесет и шестгодишен кумановец починал на Клиниката за инфективни болести во Скопје, по 28 дена...

По речиси еден месец борба со вирусот, викендов на Инфективната клиника почина уште еден пациент од западнонилска треска. Станува збор за 66-годишен жител од Куманово, кој според лекарите имал и други заболувања. Ова е деветти смртен случај годинава, сите починати досега се мажи.
„Во текот на викендот е регистриран уште еден летален исход кај пациент со потврдена невроинвазивна форма на западнонилска треска. Станува збор за 66-годишен пациент кој беше хоспитализиран на Клиниката вкупно 28 дена и се третираше на Одделот за интензивно лекување. Пациентот беше еден од двајцата што беа потешко болни“, изјави д-р Фадил Цана, директор на Клиниката за инфективни болести.
Епидемијата со западнонилска треска не стивнува. На Инфективната клиника во моментов се лекуваат 11 пациенти, од кои еден е во потешка состојба. Последниот случај на заболен е регистриран на 19-ти септември, односно викендов.
Годинава на Инфективната клиника потврдени се 66 пациенти со западнонилска треска, од нив деветмина починаа. Сите имаа тешка невроинвазивна форма на болеста.
Македонија меѓу првите пет држава во Европа по бројот на заболени со западнонилска треска – покажува извештајот на Институтот за јавно здравје. Пред нас се Италија, Грција, Шпанија и Романија.
Андријана Ѓурческа
