Политика

Мицкоски од „Конкордија“: Остануваме на европскиот пат, но го браниме идентитетот и државните интереси

22.09.2026 10:26

Мицкоски оцени дека македонските граѓани се фрустрирани од долгогодишниот процес на евроинтеграција и наведе дека во изминатите години земјата направила повеќе отстапки. Тој рече дека има земји членки на ЕУ кои, според него, се обидуваат преку процесот на интеграција да решаваат билатерални прашања.

Премиерот Христијан Мицкоски на самитот „Конкордија“ во Њујорк говореше за евроинтеграциите, стратешкото партнерство со САД, енергетската и инфраструктурната поврзаност, како и за економските резултати на земјава. На панелот со грузиската заменик-премиерка Мака Ботчоришвили порача дека Македонија останува посветена на европскиот пат, но дека преговорите со ЕУ, според него, не треба да значат промена на идентитетот.

Мицкоски оцени дека македонските граѓани се фрустрирани од долгогодишниот процес на евроинтеграција и наведе дека во изминатите години земјата направила повеќе отстапки. Тој рече дека има земји членки на ЕУ кои, според него, се обидуваат преку процесот на интеграција да решаваат билатерални прашања.

Премиерот посочи и дека од Брисел во последниот период се слушаат позитивни пораки. Како пример го наведе самитот на ЕУ и земјите од Западен Балкан во Тиват и неформалниот француско-германски документ за кој, како што рече, постои можност во иднина да стане дел од официјалната политика на ЕУ.

Во однос на реформите, Мицкоски рече дека земјата не чека пасивно, туку работи на усогласување со европските стандарди и дека заедничката надворешна и безбедносна политика е целосно усогласена со ЕУ.

На самитот тој говореше и за стратешкото партнерство со САД, при што посочи дека соработката се продлабочува во повеќе области, меѓу кои одбраната, енергетиката и критичните минерали. Во Њујорк Мицкоски се сретна и со американскиот државен секретар Марко Рубио, како и со заменик-државниот секретар Кристофер Ландау.

Мицкоски ги претстави и стратешките инфраструктурни и енергетски проекти, меѓу кои обновениот нафтовод од Солун, гасниот интерконектор со Грција и планираниот интерконектор со Србија. Тој ги посочи и Коридорите 8 и 10 како значајни за регионалната транспортна и енергетска поврзаност.

Говорејќи за економијата, премиерот се осврна на податоците за вториот квартал од 2026 година, според кои реалниот раст на економијата изнесува 4,3 проценти. Тој наведе и дека инфлацијата во август била пониска од европскиот просек и оцени дека земјата постигнува напредок во услови на повеќе меѓународни кризи.