Богата програма на четвртиот ден од фестивалот „Браќа Манаки“
Битола и оваа година потврдува дека „Браќа Манаки“ е повеќе од филмски фестивал-тој е место каде се среќаваат традицијата на филмската камера, современите технологии и новите генерации филмски творци. На средина од 47-то издание на фестивалот на филмска камера, продолжува богатата програма од повеќе од 80 филмови во седум селекции, како и едукативни настани и мастер класови.

Во фокусот на четвртиот ден од фестивалот „Браќа Манаки“ се филмската камера, визуелниот јазик и искуствата на професионалците кои стојат зад камерата и со својата работа оставиле значаен белег во светската кинематографија.
На денешната прес-конференција со кинематограферите чии филмови беа прикажани вчера попладне, се разговараше за предизвиците и начинот на кој се снимени. Од 12 филмови во официјалната селекција, се најде и филмот „Срам и пари“ на Висар Морина кинематограферот Јанис Мазух. Приказната е за семејство од рурален дел на Косово кое се сели во Приштина по подобар живот.
Директор на фотографија на филмот „Црни пари за бели ноќи“ е Александар Станишев од Бугарија, во режија на Кристина Грозева и Петар Волчанов, од селекцијата „Награда од јадранската публика“. Во филмот млад брачен пар собираат ситно мито за да можат да си дозволат патување од соништата во Санкт Петербург и да ги доживеат белите ноќи.
И денес е предвидена богата програма, прес-конференции, мастер класови, работилници. Ќе бидат прикажани филмови од седумте селекции. Од официјалната селекција за „Златна камера 300“, следува проекција на филмовите „Роза“ и „Кралица на отворено море“, како и четири филмови од Мак-поинт програмата, меѓу кои и документарецот на Тамара Котевска „Приказната за Силјан“.
Александра Максимовска
