Куманово

УПОЗ: Да се разреши претседателката на кумановскиот суд

22.09.2026 17:36

Итно разрешување на претседателката на кумановскиот Основен суд, или штрајк на установата, најави синдикатот на управата и правосудството. Обвинуваат за повеќегодишен мобинг. Претседателката пак тврди дел од вработените одбивале работни задачи.

Судскиот совет итно да постапи по претставките на вработените од кумановскиот Основен суд и да ја разреши претседателката, побара синдикатот на управата и правосудството. Во спротивно најавија штрајк на установата. Обвинија дека судски службеници со години трпат мобинг. За истото веќе е информирано и министерството за правда. Но, реакција нема.

„На последната претставка упатена до Судскиот совет во Основен суд пристигнале 2 претставници кои наместо да ги заштитат вработените тие ги испитувале дали се нивни потписите, а потписите се од 75 вработени во судот. Бараме надлежните, односно Судскиот совет веднаш да постапи по претставките на вработените и да ги штити нив а не претседателите и судиите кои го штетат угледот на судството во државата“, истакна Трпе Деаноски, претседател на синдикат на УПОЗ.

Од синдикатот обвинија дека нарушените меѓучовечки односи се причина и за намалување на бројот на вработени, од 165 на 115 лица. Тврдат не се исплаќаат надоместоци на плати, ниту се инвестира во установата. Претседателката Манев ги демантира наводите. Според неа дел од вработени одбивале работни задачи, па биле санкционирани.

„Вработените во судот ги имаат сите права од Законот за судска служба и Законот за работни односи, меѓутоа успешно функционирање во полза на граѓаните е над личните интереси на сите вработени“, стои во соопштението од претседателката на Основен суд Куманово, Снежана Манев.

Манев дополни дека бројот на вработени е намален поради заминување во пензија, странство и друго, по што била неопходна реорганизација на постоечкиот кадар и поголемо ангажирање.

Елена Георгиевска