Меѓусебни напади

22.09.2026 14:01

Киев и Москва одново си разменија ракети и беспилотни летала врз критичната и воената инфраструктура и покрај критиките од Трамп дека таквите напади ги зголемуваат цените на дизелот...

Интензитетот на војната во Украина и натаму висок. Руските вооружени сили извршија масовен напад во текот на ноќта со употреба на високопрецизно оружје од копно, море и воздух врз металуршката и хемиската индустрија, објекти од енергетскиот и воено-индустрискиот сектор, како и украинската пристанишна инфраструктура.

„Се работи за секунди – немате време да побегнете или да се скриете. Следува експлозија, а потоа и ударен бран“, изјави жителка на Киев.

„Веќе некое време нема надеж во сите овие средби и преговори, бидејќи сè се одолговлекува премногу долго. Нема конкретни резултати од овие разговори или средби“, изјави жителка на Киев.

„Многу тешко ги доживуваме овие напади, а колку подолго траат, состојбата станува сè полоша. Не знам кога ќе заврши ова. Сите чекаат нешто да се промени бидејќи веќе немаме сила“, изјави жител на Киев.

Киев возврати врз нафтената рафинерија „Кујбишев“ во рускиот град Самара, по што во комплексот избувна голем пожар. Украинскиот Генералштаб го потврди нападот, додека руските регионални власти соопштија дека десетици дронови биле соборени над Самарската област. Нападот во Самара доаѓа само два дена откако беспилотни летала ја погодија Московската рафинерија на „Газпром нефт“. Од Кремљ велат дека руската страна отсекогаш се залагала за траен мир, а не за прекин на огнот, кој нема да донесе никаков резултат.

„Што се однесува до изјавите на Зеленски, ситуацијата во Украина денес очигледно се влошува од ден на ден, како економската состојба, така и ситуацијата на фронтот. Ова ќе продолжи. Киев одлично знае каква одговорност мора да преземе и какви одлуки мора да донесе за да не насочи кон патот што нема да води кон прекин на огнот, туку кон одржлив мир“, изјави Дмитриј Песков, портпарол на Кремљ.

Војната во Украина и на Блискиот Исток тема и на маргините на Генералното Собрание во Њујорк. На агендата на украинскиот претседател средби со францускиот колега Макрон, сенатори, американскиот претседател Трамп. Зеленски порача дека приоритет број еден е приближување на мирот и заштита на животот на луѓето. Трамп претходно ги критикуваше и Украина и Русија за нападите врз рафинериите, кои, според него, ги зголемуваат глобалните цени на дизелот.

 

Маријана Димовска