Пад од 8% на берзата
Македонската берза годинава бележи пад 8 проценти, а над 90 проценти од тргувањето е концентрирано во акциите на десет компании.

Македонската берза годинава бележи пад од 8 проценти. Од 90-те компании чии акции котираат, најголемиот дел од тргувањето е концентриран на само десет компании. Вкупниот промет до 15 септември годинава е под 90 милиони евра, Според експертите падот се должи на зголемена глобална неизвесност и геополитички ризици.
„Кај нас прометот е намален за некои 8 проценти, индексот, нивото на цените, заклучно со 15 септември е намалено за некои 8,8 проценти. Тоа е последица на претходниот силен раст и сега дел од инвеститорите очигледно продаваат и за да материјализираат добивки“, изјави Иван Штериев-главен извршен директор на Македонска берза.
Енергетските турбуленции и геополитичките случувања носат ризик и од дополнителни инфлациски притисоци, но проценките на експертите се дека засега нема сигнали за влегување на глобалната економија во рецесија.
„Очигледно е дека светот оперира во голема неизвесност. Споредено со пред неколку месеци, сега би рекол дека е особено зајакната. Особено тоа произлегува од турбуленциите на енергетските пазари, а сега поради конфликтот на Блискиот Исток. Но, не би рекол дека глобалната економија е во рецесија, се разбира дека такви ризици постојат меѓутоа мислам нема да имаме рецесија во формална смисла на зборот“, изјави Маријан Петрески-универзитетски професор.
На јубилејната 25. конференција на Македонската берза во Охрид учествуваат над 250 експерти од земјава и регионот, кои дискутираат за развојот на пазарот на капитал, новите финансиски инструменти и актуелните технолошки трендови.
Соња Рилковска
