Лицата со оштетен слух немаат соодветна комуникациска поддршка во полиција, банки и други институции
При посетата на доктор, банка, полициска станица или друга институција – лицата со оштетен слух често се соочуваат со проблем, како да остварат комуникација. Кога немаат толкувач, секојдневните обврски стануваат посложени, а информациите кои ги добиваат не секогаш се целосно и правилно разбрани. Бараат поголема достапност на толкувачи и стандардизација на знаковниот јазик.

При посетата на доктор, банка, полициска станица или друга институција – лицата со оштетен слух често се соочуваат со проблем, како да остварат комуникација. Кога немаат толкувач, секојдневните обврски стануваат посложени, а информациите кои ги добиваат не секогаш се целосно и правилно разбрани. Бараат поголема достапност на толкувачи и стандардизација на знаковниот јазик.
„Треба да имаме кол центар каде ќе има толкувачи и ќе работи 24/7. Премногу глуви се јавуваат, а има многу малку толкувачи. Има семејства кои се целокупно глуви. Имаме проблем и со децата кои одат во училиште, имаат потреба од асистенција“, изјави Павле Стаматовски, член на Здружението на глуви и наглуви.
Во земјава има 35 сертифицирани толкувачи, дел од нив не се активни. Бројката е далеку од потребите за секојдневната комуникација на луѓето со оштетен слух. Интерес за изучување на знаковниот јазик има, но проблем е што толкувањето сè уште не е воведено како професија.
„Има недостатоци во однос како ќе се изведува толкувањето, толкувањето сè уште не е воведено како професија која може би требало да биде. Но, официјални толкувачи кои имаат право да ги застапуваат глувите во институции има 35 сертифицирани“, посочи Анка Митревски – сертифициран толкувач.
Во изминатите години направени се значајни чекори во користењето на знаковниот јазик, но потребна е поголема соработка во неговата стандардизација – порача претседателот на Собранието, Африм Гаши.
„Не е доволно да кажеме дека институциите се отворени треба да се осигураме дека граѓаните можат да ги користат без бариери. Сметам дека е потребен континуиран дијалог во кој институциите, експертите и заедницата ќе работат заедно“, рече Гаши.
Проценките се дека во Македонија живеат околу седум илјади лица со оштетен слух.
Иако за знаковниот јазик се зборува со години, прашањето останува исто – колку тој навистина е достапен за оние на кои им е најпотребен. Од достапност на толкувачи до секојдневна комуникација, за глувите и наглувите лица сè уште постојат бариери кои треба да се надминат.
Андријана Ѓурческа
