Ново рочиште
Поранешниот в.д директор на „Комунална хигиена“ Рустеми и управителот на отпад Саити се изјаснија дека не се чувствуваат виновни по обвинението за загрозување на животната средина...

Отпадот можеби исчезна од улиците, но влезе во судницата на Кривичниот суд. Поранешниот в.д директор на „Комунална хигиена“ Рустеми и управителот на отпад Саити се изјаснија дека не се чувствуваат виновни по обвинението за загрозување на животната средина и природата со отпад.
Одбраната смета дека обвинетите не презеле ниту едно противправно субјективно дејство за кривичното дело за кое се товарат. Според бранителите проблемот со отпадот е системски и сè уште не е решен. Велат, нема вештачење за евентуални последици. Најавуваат обемни докази и голем број сведоци.
На судењето, исказ имаа и сведоци вработени во „Комунална хигиена“ кои во тој период биле на раководни функции. Едногласни се дека имало недостаток на возила, а и оние што им биле на располагање биле неисправни. Според еден од сведоците, аплицирале преку Град Скопје за набавка на нови 41 возило, но не им биле одобрени.
Според Обвинителството, во октомври 2025-та година со невршење надзор и непрописно управување со отпад, обвинетите предизвикале загадување на почвата, воздухот и водата при што предизвикале опасност по здравјето на луѓето, уништување на растенијата и живиот свет во град Скопје и создавање депонии на јавни површини. Судскиот процес продолжува на 16-ти октомври со приложување докази.
Александра Велинова
