Разбиена криминална група

22.09.2026 17:34

Пари, „златни“ плочки, цигари и цел арсенал лекови – разбиена осумчлена криминална група ...

Од осумчлената криминалната група инволвирана во криумчарење стоки и коруптивни дела одземени се над 100.000 евра, 16 плочки со (златна боја), цигари и тутун без акцизни маркички, поголема количина лекови и суплементи, кои биле нелегално внесени во државата, повеќе мобилни телефони и други предмети – соопшти Министерството за внатрешни работи. Извршени биле претреси на повеќе локации во Скопје, Тетово и Гевгелија, при што од слобода се лишени шест лица, двајца се од Република Турција. Меѓу уапсените еден е царински службеник.

„На членови на групата им било овозможено непречено пренесување на акцизна стока преку царинската линија без пријавување и плаќање на законските давачки, како и нелегално внесување на лекови и суплементи, наменети за продажба. Дел од производите предизвикале опасност за здравјето на луѓето“, стои во соопштението на МВР.

Акцијата траела подолг период. Во јануари во домот на првоосомничениот бил извршен претрес, најдена е поголема сума на пари и златни плочки, а од неговиот мобилен телефон биле извадени и податоци вредни за истрагата.

„Првоосомничениот и третоосомничениот се товарат дека неовластено увезувале, складирале и нуделе продажба на лекови, како и производи за подобрување на сексуалната функција и потенцијата. Пронајдени се поголеми количини препарати наменети за третман на дијабетес, срцеви и кардиоваскуларни заболувања, невролошки и психијатриски состојби, ревматолошки и автоимуни заболувања, како и заболувања на дишните патишта и воспалителни заболувања на цревата, како и антибиотици, кортикостероиди, хормонски препарати, инсулини, антикоагуланси и бензодиазепин“, се наведува во соопштението на ОЈО ГОКК.

Осомничените се соочуваат со најмалку седум кривични дела од давање поткуп, преку неплаќање акциза до пуштање во промет штетни средства за лекување. За тројца од осомничените јавниот обвинител до судијата на претходна постапка доставил предлог за определување мерка притвор, додека за останатите предложил мерки на претпазливост. Двајца осомничени во моментов се недостапни на органите на прогонот.

Миле А. Ристески