ОпенАИ наводно користел милиони статии без дозвола за обука на моделите со вештачка интелигенција

23.09.2026 07:25

Се тврди дека компанијата ОпенАИ користела милиони статии заштитени со авторски права без дозвола за развој на своите модели, и покрај внатрешната загриженост дека вештачката интелигенција може да претставува „егзистенцијална закана“ за издавачите.

Во документите доставени до судот во рамките на тужбата за авторски права што „Њујорк тајмс“ и други медиумски организации ја поднесоа против ОпенАИ, се тврди дека компанијата користела милиони статии без дозвола за да развие комерцијални производи базирани на вештачка интелигенција, кои би можеле да ги заменат новинарските содржини.

Во документите се наведува и дека меѓу вработените во ОпенАИ постоела загриженост во врска со влијанието на вештачката интелигенција врз медиумските издавачи.

Се посочува дека Ник Турли, кој го предводи тимот што го развива ChatGPT, во 2023 година ја опишал вештачката интелигенција како „егзистенцијална закана“ за издавачите, а во 2024 година изјавил дека, како што се развиваат производите базирани на вештачка интелигенција, тие сè повеќе ќе ги заменуваат постојните содржини.

Дополнително, во судските документи се тврди дека вработени во „Мајкрософт“ во интерна комуникација го оцениле користењето на овие содржини од страна на моделите со вештачка интелигенција како „најголемата кражба на труд во историјата на човештвото“.

ОпенАИ, пак, во својата реакција на обвинувањата тврди дека користењето јавно достапни содржини за обука на модели со вештачка интелигенција претставува „правична употреба“ во рамките на авторското право.