Сузбиена криминална група во Скопје, поднесени кривични пријави за тероризам и трговија со оружје
Сузбиена е организирана криминална група од Скопје, инволвирана во кривични дела поврзани со тероризам и недозволена трговија со оружје. Во полициската акција се извршени претреси на 12 локации, а од слобода се лишени пет лица.

Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, во соработка со Агенцијата за национална безбедност, Одделот за специјални полициски операции и СВР Скопје, под раководство на надлежен јавен обвинител, на вчера спровел координирана полициска акција.
По наредби од судија на претходна постапка, извршени се претреси кај шест лица на вкупно 12 локации на подрачјето на Скопје. При претресите биле пронајдени и одземени автоматски пушки, снајперска пушка, пиштоли, муниција, тактички елек, радио-врски, поголема количина електронски уреди и мобилни телефони, како и денарски и девизни парични средства. Пронајдено било и знаме на терористичката организација ИСИС.
Според МВР, 34-годишниот К.И. од 2023 година делувал во рамки на злосторничка организација со идеолошка матрица на ИСИС. Од МВР наведуваат дека вршел индоктринација на млади лица, ширел пропаганден материјал со екстремна и радикална содржина и набавувал и ракувал со огнено оружје.
Б.А. (24) и Е.С. (30), според пријавеното, заедно со К.И. формирале група во која неовластено поседувале, посредувале и тргувале со огнено оружје и муниција.
На 29 септември Секторот за борба против тероризам, насилен екстремизам и радикализам до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поднел кривични пријави против тројцата.
Против К.И. е поднесена пријава за „тероризам“ и „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или експлозивни материи“, додека Б.А. и Е.С. се пријавени за кривично дело поврзано со неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или експлозивни материи.
При претресите било утврдено и неовластено користење електрична енергија, за што, како што информира МВР, се преземаат дополнителни мерки и активности.
