Директорот на НУ Историски музеј – Крушево поднесе оставка
Директорот на НУ Историски музеј – Крушево, Миха Оџаклиески, денеска поднесе неотповиклива оставка од функцијата наведувајќи дека одлуката е личен, морален и етички чин и израз на одговорност кон институцијата и кон јавноста. Оставка поднеле и членовите на Управниот одбор.

Директорот на Националната установа „Историски музеј“ – Крушево, Миха Оџаклиески поднел оставка на функцијата. Во неа, навел дека одлуката е личен, морален и етички чин и израз на одговорност кон институцијата и кон јавноста.
Оставка поднеле и членовите на Управниот одбор на исклучително важната установа која е од исклучително значење за македонската држава, во која почиваат моштите на великанот Никола Карев.
Оставките следуваат откако стана познато дека косовски рап музичар во Македониумот снимал спот со провокативно име, но и кадри. Вакво нешто не требало да се случи во ваков тип на институција – вели шефот на владата Христијан Мицкоски при тоа извинувајќи се на граѓаните за направениот пропуст.
Разгледување на целиот случај најави и министерот за култура Седат Сулејмани. Смета дека ќе треба во иднина со правните служби да ги разгледаат сите аспекти и ако е потребно да се донесат законски измени со јасни критериуми за што и како ќе се користи објект каков што е Македониумот во Крушево.
Спотот на косовскиот рапер е снимен во февруари годинава, а објавен е неколку месеци подоцна. За неговото снимање не била информирана ниту управата за заштита на културното наследство, ниту пак од неа било побарана дозвола.
Миле А. Ристески
