Македонија

Вештачката интелигенција е технологија на сегашноста, а не на иднината

02.10.2026 19:39

Вештачката интелигенција не е веќе технологија на иднината, туку на сегашноста. Вистинското прашање е какво место ние ќе имаме во промената, рече премиерот Мицкоски на Самитот за вештачка интелигенција во Скопје. Порача дека Македонија не треба да биде само набљудувач на новата технолошка револуција, туку нејзин активен учесник.

Вештачката интелигенција не е веќе технологија на иднината, туку на сегашноста, рече премиерот Христијан Мицкоски и додаде дека вистинското прашање денес е какво место ќе имаме ние во таа промена. Мицкоски, кој се обрати на Самитот за вештачка интелигенција во Скопје, порача дека Македонија не треба да биде набљудувач на новата технолошка револуција, туку активен учесник.

„Вештачката интелигенција веќе не е технологија на иднината за која разговараме и се обидуваме да предвидиме како еден ден ќе влијае врз нашите животи. Таа е технологија на сегашноста, која веќе го менува начинот на кој работиме, учиме, комуницираме, произведуваме, лекуваме, истражуваме и создаваме компании. Затоа прашањето повеќе не е дали вештачката интелигенција ќе ги промени нашите економии и општества. Тоа веќе се случува. Вистинското прашање е какво место ќе имаме ние во таа промена“, рече Мицкоски.

На претприемачите и сопствениците на компании, премиерот им порача да не дозволат големината на домашниот пазар да ја определува големината на нивната амбиција.

„Македонија не треба да биде набљудувач на новата технолошка револуција. Треба да биде нејзин активен учесник. Во економијата на знаењето географијата станува помалку важна, а талентот, образованието, брзината, креативноста и способноста една добра идеја да се претвори во производ стануваат поважни од големината на територијата или бројот на жители. Нашата амбиција треба да биде идеи, производи и компании создадени во Македонија да растат и да се натпреваруваат на европскиот и светскиот пазар“, истакна Мицкоски.

Премиерот порача и да се размислува глобално и никогаш да не дозволи стравот од неуспех да биде посилен од желбата да се создадете нешто ново.

Во последните месеци Владата активно ја промовира земјата како можна дестинација за дата-центри. Премиерот кажа дека се разговара со неколку потенцијални инвеститори, меѓу кои и голема мултинационална компанија, кои сериозно би го раздвижиле пазарот.

Борис Грујоски